Многу тела сè уште се наоѓаат под урнатините / Photo: AA

Најмалку уште 66 Палестинци загинаа, а 138 се повредени во израелските напади во последните 24 часа врз опколениот Појас Газа, соопшти денес Министерството за здравство на енклавата, јавува Анадолу.

„Израелската окупација (сили) изврши седум масакри врз семејства во Појасот Газа, оставајќи 66 загинати и 138 повредени во текот на изминатите 24 часа“, истакна Министерството.

„Многу тела сè уште се наоѓаат под урнатините и крај патиштата бидејќи спасувачите не можат да стигнат до нив“, се додава.

Непочитувајќи ја привремената пресуда на Меѓународниот суд на правдата, Израел продолжува со нападите врз Појасот Газа каде што од нивниот почеток на 7 октомври досега загинаа најмалку 34.454 Палестинци, а 77.575 се повредени, покажуваат податоците на палестинските здравствени власти.

Израел започна офанзива врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група на отпорот Хамас, во кој Тел Авив вели дека загинале речиси 1.200 луѓе.

Израелската војна во Газа принуди 85 отсто од населението внатрешно да се расели, предизвика акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена, според Обединетите нации (ОН).

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му наложи на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за хуманитарната помош да стигне до цивилите во Газа.

Но, нападите продолжија со несмалено темпо, а испораките на хуманитарна помош и понатаму се недоволни за решавање на хуманитарната катастрофа.

AA
Популарни