Екипите за потрага на исчезнати лица во Индонезија спасија дете два дена по катастрофалниот земјотрес во кој засега има над 271 загинат, а многумина се водат како исчезнати.
Снимката објавена од Националната агенција за пребарување и спасување на Индонезија, БАСАРНАС, ги прикажува моментите кога тимовите за пребарување и спасување го вадат детето кое било заробено цели два дена под урнатините.
Бројот на загинати во земјотресот што ја погоди Индонезија во понеделникот се искачи на 271, објавија во средата локалните медиуми.
Над 150 се водат како исчезнати, додека бројот на повредени се искачи на 1.083. Земјотресот беше со јачина од 5,6 степени според Рихтеровата скала и го погоди градот Цианџур во провинцијата Западна Јава.
Според агенцијата за катастрофи, поради разорниот земјотрес раселени се 58.362 луѓе, додека 22.198 куќи и згради биле оштетени.
Во вторникот, претседателот Јоко Видодо, исто така, ги посети погодените области и се сретна со локалното население.
Тој ги увери погодените семејства дека неговата влада ќе обезбеди помош за оние чии куќи се оштетени од земјотресот.