Туркије одлучно оди напред кон остварување на своите цели, рече Ердоган / Photo: AA

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во обраќањето до нацијата по состанокот на владиниот кабинет во Анкара изјави дека турските граѓани можат да очекуваат позитивни ефекти од економската програма на актуелната влада во наредниот период.

„Јасно ќе ги видиме позитивните ефекти од нашата економска програма во многу области во наредниот период, особено во однос на инфлацијата“, рече Ердоган, додавајќи дека на средбата детално се разговарало за многу важни прашања, особено за економијата, образованието, борбата против тероризмот и надворешната политика.

Тој посочи дека Република Турije одлучно оди напред кон остварување на своите цели, додека многу развиени земји и земји во развој се соочуваат со сериозни закани како што се политичката нестабилност и социјалните тензии.

„Само во областа на туризмот, 2023 година беше најдобрата година во нашата историја. Нашите приходи од туризмот се зголемија за 17 отсто во 2023 година во однос на претходната година и достигнаа 54,3 милијарди долари“, рече Ердоган.

Тој додаде дека напредокот продолжил и во јануари во контекст на извозот.

„Нашиот извоз во јануари е зголемен за 3,6 отсто во однос на истиот месец лани и достигна 20 милијарди долари.

Тој ги коментираше и нападите на Израел врз Појасот Газа и ја обвини владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху дека го имитира Хитлер и секојдневно ја преминува границата во бруталната политика на масакри што ја спроведува од 7 октомври.

Осудувајќи ја израелската агресија врз градот Рафах во јужниот дел на Појасот Газа, вклучувајќи ја и планираната офанзива, Ердоган рече дека „лицемерната политика на западните сили“ е причината за смелоста на Израел.

„Додека западните сили јавно го повикуваат Израел на воздржаност, во исто време тие замижуваат пред злосторствата на Нетанјаху, криејќи се зад Хамас како изговор“, рече Ердоган.

Тој вети дека ќе ја продолжи борбата против тероризмот од неговиот извор и ќе го спречи „Терористан“ долж јужните граници на Туркије по секоја цена.

Тој се осврна и на одлуката на американската администрација за продажба и модернизација на авиони Ф-16 на Република Туркије.

„Задоволни сме од позитивниот исход од нашето барање за F16, за кое веќе извесно време разговаравме со Соединетите Американски Држави. Со укинувањето на ограничувањата за нашата земја, се надеваме дека турската одбранбена индустрија ќе напредува уште побрзо од сега натаму“, рече турскиот претседател Ердоган.

AA
Популарни