Европската Унија (ЕУ) ќе испрати „цивилна мисија“ во Ерменија долж границата со Азербејџан, соопшти Европскиот совет.
„Ерменија се согласи за испраќање цивилна мисија на ЕУ долж границата со Азербејџан. Азербејџан се согласи да соработува со оваа мисија“, се наведува во соопштението.
Најавата дојде еден ден откако азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и ерменскиот премиер Никол Пашинјан се сретнаа во Чешка на маргините на првиот Самит на Европската политичка заедница на покана на францускиот претседател Емануел Макрон и претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел.
Мисијата, која има за цел да изгради доверба и да придонесе за работата на пограничните комисии, ќе започне во октомври со мандат од најмногу два месеци.
„Ерменија и Азербејџан ја потврдија својата посветеност на Повелбата на Обединетите нации и Декларацијата од Алма Ата од 1991 година преку кои и двете земји меѓусебно си го признаваат територијалниот интегритет и суверенитет.“
„Тие потврдија дека тоа ќе биде основа за работата на комисиите за делимитација и дека следниот состанок на граничните комисии ќе се одржи во Брисел до крајот на октомври“, се додава.