Според првичните сознанија  32 лица загинаа, меѓу кои и полицајци, а над 150 лица се повредени во самоубиствен напад извршен во џамија за време на молитва во пакистанската покраина Хајбер Пахтунхва. / Photo: AP

Најмалку 32 лица загинаа, меѓу кои и полицајци, а над 150 лица се повредени во самоубиствен напад извршен во џамија за време на молитва во пакистанската покраина Хајбер Пахтунхва.

Според вестите на националните медиуми, извршен е самоубиствен напад за време на молитва во џамија во подрачјето на Полис лајнс.

Според првичните сознанија, во нападот загинале 32 лица, меѓу кои и полицајци, додека над 150 лица се повредени.

Властите соопштија дека 10 од повредените се наоѓаат во тешка состојба.

Како резултат на експлозијата, освен во џамијата, штета е предизвикана и во околните згради и возила.

На снимките објавени на социјалните мрежи се забележува дека поголемиот дел од џамијата е разрушена од експлозијата.

Сè уште никој не ја презеде одговорноста за нападот.

Раст на терористичките напади

Во последниот период е забележан раст на нападите на Техреек-е-Талибан Пакистан (ТТП).

Меѓу другото, ТТП на 28 ноември 2022 година преку социјалните мрежи соопшти дека ставен е крај на примирјето започнато со администрацијата на Исламабад на 10 мај 2022 година, и дека на своите припадници дал наредба за извршување на напади врз безбедносните сили во земјата.

Пакистан го смета Техреек-е-Талибан Пакистан за терористичка организација.

Според податоците споделени од тинк-тенкот „Центар за безбедносни студии и истражувања“ (CRSS) со седиште во Исламабад, во 506 терористички напади извршени во 2022 година загинале 601 лице, од кои 290 безбедносни сили и 311 цивили, додека повредени се 741 лице.

Поголемиот дел од нападите биле извршени во граничните зони меѓу Авганистан и Пакистан. Одговорноста за поголемиот дел на овие напади ја презедоа различни групи, како ТТП, Ослободителна организација на Белуџистан (БЛА) и ДЕАШ-Х.

Терористичките напади во 2022 година во Пакистан забележаа раст од 15 отсто во споредна со претходната година.

AA
Популарни