Нацртот беше предложен од американската делегација, а беше поддржан од 14 земји-членки, додека Русија беше воздржана / Photo: AA

Палестинското движење Хамас ја поздрави резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) за прекин на огнот во Газа, изразувајќи подготвеност да се вклучи во индиректни преговори за да се постигне тоа.

Хамас рече дека го поздравува фактот што резолуцијата вклучува дел за траен прекин на огнот, целосно повлекување на Израел од Газа, размена на заробеници, реконструкција и враќање на цивилите.

Хамас, исто така, изрази подготвеност да соработува со посредниците за да се вклучат во индиректни преговори за спроведување на принципите на резолуцијата „во согласност со барањата на нашиот народ и отпорот“.

Советот за безбедност на ОН вечерва усвои нацрт-резолуција со која се бара поддршка за предлогот што го објави американскиот претседател Џо Бајден, кој се состои од три фази и предвидува итен прекин на огнот во Газа.

Нацртот беше предложен од американската делегација, а беше поддржан од 14 земји-членки, додека Русија беше воздржана.

Во усвоената одлука беа посочени дипломатските напори на Египет, САД и Катар, а беше поздравен и трифазниот предлог што Бајден го презентираше на 31 мај.

Израел, исто така, се вели дека ја прифатил понудата на Бајден, а и од Хамас е побарано да го прифати предложениот план.

Првата фаза од предлогот на Бајден предвидува итен прекин на огнот, ослободување на жени, постари и ранети затвореници, размена на палестински затвореници, повлекување на израелските сили од населените места во Газа, зголемување на хуманитарната помош, реконструкција на основните услуги, враќање на палестинските цивили во нивните домови низ појасот, вклучително и северна Газа.

По договорот на страните, во втората фаза е предвидено ослободување на сите преостанати затвореници за еднаш засекогаш да се стави крај на кризата, а од Израел беше побарано да се повлече од цела Газа.

Во одлуката беше наведено дека во третата фаза ќе биде покренат план за обнова на Газа, кој ќе трае неколку години, а ќе бидат предадени и телата на загинатите затвореници.

AA
Популарни