Здравствените власти во Газа објавија уште најмалку 42 смртни случаи во израелските напади во изминатите 24 часа / Photo: AA

Генералниот директорат за цивилна одбрана на Газа соопшти дека израелската армија не дозволила евакуација на повредените кои се наоѓале во урната куќа во Кан Јунис на југот на Појасот Газа.

Во соопштението се наведува дека израелските сили го одбиле барањето за координирање на евакуацијата на повредените од куќата на семејството Абу Хадрус, која беше уништена во нападот.

Се додава дека добиле бројни повици за спасување на Палестинците, од кои последниот бил од куќата на семејството Абу Хадрус.

Цивилната одбрана на Газа остро го осуди молкот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст и Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (OЦХA), кои останаа рамнодушни на бројните апели на Палестинците.

Здравствените власти во Газа објавија уште најмалку 42 смртни случаи во израелските напади во изминатите 24 часа, со што вкупниот број на загинати од 7 октомври минатата година достигна 40.265.

Израел ја продолжи својата брутална офанзива врз Појасот Газа од 7 октомври 2023 година, по нападот на Хамас и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара итен прекин на огнот.

Повеќе од десет месеци од почетокот на израелската војна, големи делови од Појасот Газа се во урнатини во услови на хуманитарна катастрофа од најголеми размери бидејќи на Палестинците им недостасува храна, вода и лекови.


AA
Популарни