Палестински извор за Анадолу изјави дека предлогот за прекин на огнот вклучува примирје во три фази / Photo: AA

Израелски преговарачки тим во наредните часови ќе замине за Египет на разговори за договорот за прекин на огнот и размена на заложници со Хамас, изјави денес израелски официјален претставник.

„Тимот ќе замине во Каиро да ислуша и постави прашања бидејќи јазот е голем“, израелскиот Канал 12 го цитираше официјалниот претставник, без да даде дополнителни детали.

Хамас синоќа соопшти дека го прифатил предлогот за прекин на огнот во Газа, изготвен од Египет и Катар.

Палестински извор за Анадолу изјави дека предлогот за прекин на огнот вклучува примирје во три фази.

„Првата фаза ќе трае 40 дена и вклучува привремен прекин на воените операции и повлекување на израелските трупи во источните области на Појасот Газа, со исклучок на подрачјето на Вади Газа, која го дели северот на територијата од нејзиниот југ“, истакна изворот.

„По ослободувањето на сите израелски жени кои ги држи Хамас, израелската војска ќе се повлече од крајбрежниот патен правец Ал Рашид кон исток за да овозможи пристап на хуманитарната помош и непречено враќање на раселените во нивните домови“, додаде тој.

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека понудата за примирје што ја прифатил Хамас не ги исполнува нивните клучни барања, па затоа Воениот кабинет одлучил да продолжи со операцијата во Рафа за да изврши, како што е нагласено, „воен притисок врз Хамас со цел да се направи напредок во ослободувањето на заложниците и за другите воени цели“.

Израел започна офанзива врз Појасот Газа како одмазда за нападот на Хамас на 7 октомври, во кој загинаа околу 1.200 луѓе. Оттогаш во израелските напади во Газа загинати се речиси 34.800 Палестинци, од кои огромно мнозинство се жени и деца, а 78.100 се повредени, според палестинските здравствени власти.

AA
Популарни