Германија не успева да изгради доволно воени капацитети за да ја одврати Русија од натамошна агресија, се предупредува во новиот извештај објавен денес.
Во извештајот на Институтот „Кил“ се вели дека трошоците за одбрана на Германија се недоволни, а Армијата едвај успева да го замени оружјето што го испраќа во Украина.
„Во моментов на Германија ѝ требаат речиси сто години за да го врати воениот капацитет (Бундесверот) на нивоата од 2004 година“, се вели во извештајот, обвинувајќи ја Владата дека е „премногу бавна“ во набавките за одбраната.
Според извештајот, додека Германија останала зад одбранбените набавки и инвестиции во последните две години, Русија значително го зголемила својот капацитет за производство на вооружување, вклучително и напредни борбени системи.
„Рускиот производствен капацитет се зголеми до точка што може да произведе еквивалент на целиот арсенал на Бундесверот за нешто повеќе од половина година“, се вели во извештајот.
„Русија направи голем напредок во модерните борбени системи. Нејзиниот капацитет за производство на дронови е зголемен за повеќе од шест пати, а нејзината експертиза и арсенал на суперсонични и хиперсонични ракети претставуваат голем ризик за НАТО“, предупредија тие.
Германскиот канцелар Олаф Шолц вети специјален фонд од 100 милијарди евра за модернизација на Бундесверот, набргу по избувнувањето на војната меѓу Русија и Украина во 2022 година.
Неговата коалициска влада, исто така, ги зголеми трошоците за одбрана на 52 милијарди евра оваа година, но ги намали амбициозните планови поради строгите буџетски ограничувања.
Претседателот на Институтот „Кил“, Мориц Шуларик, тврди дека бавниот напредок во воените набавки и недостатокот на доволно финансии за големи одбранбени проекти покажале дека ветувањето на коалициската влада е „празна реторика“.
„Мирот ќе дојде кога режимот во Москва ќе разбере дека не може воено да победи во војни на агресија во Европа. За ова, Германија и Европа имаат потреба од кредибилни воени капацитети. Германија мора да има соодветен годишен буџет за одбрана од најмалку 100 милијарди евра годишно“, рече тој.