Ким Џонг Ун, лидерот на Северна Кореја, предупреди дека е подготвен да користи нуклеарно оружје при евентуален воен конфликт со Соединетите Американски Држави (САД) и Јужна Кореја.
Според веста на Корејската централна новинска агенција (KCNA), Ким на 69-годишнината од крајот на Корејската војна им се обратил на воените ветерани.
Наведувајќи дека Вооружените сили се целосно подготвени да одговорат на каква било криза, Ким рече: „Нуклеарното оружје на нашата земја е подготвено да ја мобилизира својата апсолутна моќ целосно и брзо во согласност со својата мисија.“
Тој, истакнувајќи дека САД ја „демонизираат“ Северна Кореја за да ја оправдаат својата непријателска политика, рече дека американско-јужнокорејските воени вежби насочени кон Северна Кореја ги покажале „двојните стандарди“ и „гангстерските“ особености на САД.
„Јужнокорејската Влада предводена од Јон Сук Јеол ја водат манијаци кои сакаат конфронтации и гангстери кои се полоши од претходните конзервативни влади“, рече Ким.
Наведувајќи дека споменувањето на воена акција против неговата земја која има нуклеарно оружје е многу опасен чин на самоубиство, Ким рече: „Ваквиот опасен обид веднаш ќе биде казнет од нашите сили, а владата и војската на Јон Сук Јеол ќе бидат уништени.“
Зајакнување на одбранбените капацитети на државата
Ким во април рече дека доколку неговата земја е загрозена, може да користи нуклеарно оружје како мерка на претпазливост.
Од неодамна има наводи дека Северна Кореја ќе изврши нова нуклеарна проба. Исто така, донесени се одлуки за зајакнување на одбранбениот капацитет на земјата.
Се нагласува дека новиот тип на тактичко оружје, тестирано од Северна Кореја во април, може во голема мера да го подобри огнениот капацитет на артилериските единици на земјата.
Администрацијата на Пјонгјанг последен пат тестира 8 балистички ракети со краток дострел на 5 јуни. Со тоа Северна Кореја тестира ракета по 17-ти пат од почетокот на 2022 година.
Замениците-министри за надворешни работи на САД, Јапонија и Јужна Кореја на 10 јуни се согласија да ја зголемат безбедносната соработка во однос на програмите за оружје на Северна Кореја.
Во изјавата дадена по средбата, нелегалните ракетни тестови на Северна Кореја се остро осудени и е истакнато дека „вратата за сериозен и одржлив дијалог“ со оваа земја е оставена отворена.