Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, во средата изјави дека Израел „ќе биде казнет“ за нападот врз Конзулатот во Дамаск / Photo: AA

Израел се подготвува за директен напад од страна на Иран овие денови, но Техеран сѐ уште нема донесено конечна одлука за нападот, објави американскиот „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на неименуван извор.

Весникот пишува дека по нападот на Тел Авив врз зградата на иранскиот Конзулат во Дамаск, се очекува потенцијалната одмазда на Техеран да биде директно насочена кон Израел.

„Тел Авив се подготвува Иран да изврши директен напад врз јужен или северен Израел уште в петок или сабота“, рече изворот.

Друг извор, кој наводно бил информиран од иранското раководство, рече дека додека траат разговорите за плановите за напад, не е донесена конечна одлука.

Иран најверојатно ќе изврши одмазднички напад во Израел во следните неколку дена, според проценката заснована на разузнавачки извештаи на американски официјален претставник.

Советникот на иранскиот ајатолах Али Хамнеи, исто така, рече дека „плановите за напад се пред врховниот лидер и тој сè уште го мери политичкиот ризик“.

Тел Авив е во состојба на висока готовност поради стравувањата од можен ирански напад врз израелски цели, откако Техеран се закани дека ќе возврати на израелскиот напад врз иранскиот Конзулат во Дамаск на 1 април.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во средата му кажа на израелскиот министер за одбрана Јоав Галант дека САД „ќе застанат покрај Израел против какви било закани од Иран и неговите полномошници“.

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, во средата изјави дека Израел „ќе биде казнет“ за нападот врз Конзулатот.

Најмалку 13 лица беа убиени во нападот, вклучително и седум воени советници на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), за кој иранските власти го обвинија големиот ривал Израел.

AA
Популарни