Стапката на пристап до вода во Газа, односно до вода за пиење, капење и чистење, е сведена на 1,5 литри по лице дневно / Photo: AA

Седумдесет и еден процент од населението во Газа се соочува со екстремен глад при немилосрдните израелски напади, се вели во истражувањето објавено вчера од групата за човекови права Еуро-Мед монитор.

Според истражувањето, кое опфаќа 1.200 испитаници во Газа, 98 отсто од нив рекле дека јадат недоволно количество храна, додека 64 отсто признале дека јаделе трева, овошје, недозреана и храна со поминат рок за да го намалат гладот.

Истражувањето, исто така, покажа дека стапката на пристап до вода во Газа, односно до вода за пиење, капење и чистење, е сведена на 1,5 литри по лице дневно.

„Ова е 15 литри помалку од минималната количина на вода потребна за опстанок на ниво на меѓународните стандарди“, се нагласува во истражувањето и се додава дека 66 отсто од испитаниците изјавиле дека имале дијареја, осип на кожата или цревни заболувања изминатиот месец.

Во воздушните и копнените напади на Израел врз Појасот Газа, по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври, загинаа најмалку 19.667 Палестинци, главно жени и деца, а повредени се 52.586, според здравствените власти во енклавата.

Војната ја остави Газа во урнатини, при што половина од станбениот фонд на крајбрежната територија е оштетен или уништен, а речиси 2 милиони жители се раселени во густо населената енклава, каде има недостиг од храна и чиста вода.

Се смета дека речиси 1.200 Израелци се убиени во нападот на Хамас, додека над 130 заложници остануваат во заробеништво.

AA
Популарни