Намален е бранот на барања за азил од државјани на Украина во Европската Унија. Според податоците од Евростат, по руската воена агресија против Украина, беше регистриран пораст на барањата за азил од Украина од 2.105 во февруари 2022 година на 12.190 во март 2022 година. Сепак, во јануари 2023 година повторно следуваше намалување на 1.030. Во јануари 2023 година, бројот баратели на азил со руско државјанство кои за прв побарале заштита изнесувал 2.560.
Во меѓувреме, расте бројот на барања за азил во земјите членки на Европската Унија, како од баратели на азил кои за првпат бараат заштита во земјите-членки на унијата така и од оние кои тоа го сториле и во минатото.
Според податоците од Евростат, во јануари 2023 година, 84.740 граѓани на држави кои не се членки на ЕУ поднеле барање за меѓународна заштита во Европската унија. Тоа е 2.435 повеќе отколку во декември 2022 година, односно пораст за три отсто.
Поголем е растот кај последователните апликанти. односно кај оние граѓани кои еднаш веќе поднеле барање за азил. Во јануари 2023 година, имало 6.715 последователни апликанти, што е зголемување од 13 отсто во споредба со декември 2022 година.
Кој испраќа најмногу барања за азил?
Како и во претходните месеци, во јануари 2023 година, Сиријците најмногу барале азил. Од Сирија пристигнале 12.960 барања за азил од луѓе кои за прв пат барале заштита. Потоа 11.055 барања биле испратени од Авганистан, а и 5 .625 од Туркије.
Германија, Франција, Шпанија најпосакувани
Речиси 80 отсто од барањата за азил се однесуваат на пет држави, односно Германија, Франција, Шпанија, Италија и Австрија.
Во јануари 2023 година, за првпат во Германија азил побарале 30.450 лица, во Франција 13.520, во Шпанија 10.885, во Италија 8.415 и во Австрија 4.095.
Севкупно, во ЕУ имало 190 нови баратели на азил на милион луѓе во јануари 2023 година.
Над 3.000 малолетници без придружба аплицирале за азил
Во јануари 2023 година, 3.100 малолетници без придружба за прв пат поднеле барање за азил во ЕУ. Тоа е зголемување за шест отсто во споредба со декември 2022 година. Тогаш биле поднесени 2.930 барања.
Повеќето малолетници без придружба кои поднеле барања за азил во јануари 2023 година потекнуваат од Авганистан од каде се 1.195 и Сирија-850.