Говорејќи за време на неделниот владин состанок, Нетанјаху рече дека има „драматичен пад“ на испораката на оружје до Израел. / Photo: AA

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес изјави дека прашањето за доцнењето на испораката на американското оружје за Тел Авив наскоро ќе биде решено.

Говорејќи за време на неделниот владин состанок, Нетанјаху рече дека има „драматичен пад“ на испораката на оружје до Израел.

„Многу недели апелиравме до нашите американски пријатели да ја забрзаат испораката. Го повторувавме тоа одново и одново. Ова го адресиравме до високите ешалони и на сите нивоа, и сакам да нагласам, тоа го правевме по приватни канали. Добивме секакви објаснувања, но не добивме една работа: основната ситуација не се промени“, рече тој.

„Одредени работи влегоа, но најголемиот дел од вооружувањето беше изоставен“, додаде тој. „По месеци без промена на ситуацијата, решив да го изразам тоа јавно.“

Нетанјаху истакна дека верува оти проблемот ќе биде решен наскоро.

Во вторникот, израелскиот премиер го критикуваше Вашингтон за задржување на оружјето и муницијата за Израел. Белата куќа одговори со откажување на стратешкиот состанок со Израел.

Од почетокот на израелската војна на Појасот Газа минатиот 7 октомври, САД му обезбедија на Израел значителни количини оружје и муниција, според американски и израелски извори.

Американскиот претседател Џо Бајден претходно ја суспендира испораката на оружје за Израел, наведувајќи ја како причина загриженоста за заштитата на цивилите. Неговата поддршка за Тел Авив налути милиони Американци кои цврсто се противат на војната на Израел во Газа, вклучително и многу гласачи на Бајден.

Непочитувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара итен прекин на огнот, Израел се соочи со меѓународна осуда поради неговата континуирана брутална офанзива врз Газа по нападот на Хамас на 7 октомври.

Оттогаш, над 37.500 Палестинци се убиени во Газа, од кои повеќето жени и деца, а речиси 86.000 се повредени, според палестинските здравствени власти.

Повеќе од осум месеци од почетокот на израелската војна, огромни делови од Газа се во урнатини, каде владее и блокада на храна, чиста вода и лекови.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, чија последна пресуда му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине својата операција во Рафа, каде што повеќе од 1 милион Палестинци побараа засолниште од војната пред да започне копнената офанзива врз градот на 6 мај.

TRT Balkan / агенции
Популарни