Државниот секретар на САД Ентони Блинкен се состана во Вашингтон со претседателката и со премиерот на Косово     Фото: Официјална Фејсбук страница на косовскиот премиер Албин Курти

Односите на Косово со Соединетите Американски Држави (САД) се егзистенцијални, изјави претседателката на Косово Вјоса Османи, откако заедно со премиерот Албин Курти се состана со американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Косовската претседателка наведе дека е посебна чест состанокот со државниот секретар Блинкен со кој повторно е потврдено цврсто партнерство, како и отворање нови поглавна на соработка во важни стратешки сектори помеѓу двете земји.

„Со Соединетите Американски Држави ја јакнеме нашата заедничка дипломатска посветеност, зајакнувајќи го владеењето на правото, како и нашиот евроатлантски пат. Заедно стоиме рамо до рамо во решавање на заедничките предизвици на мирот, безбедноста, како и во промовирање на нашите заеднички демократски вредности“, напиша Османи на социјалната мрежа Фејсбук.

Премиерот Курти соопшти дека со секретарот Блинкен е разговарано за „добро управување, борбата против криминалот и корупцијата, економскиот развој и социјалната поддршка како одговор на потребите на граѓаните на Републиката“.

„Ги истакнавме нашите одлични билатерални државни односи и можност за нивно унапредување, посебно на економски план со повеќе инвестиции и поголема трговска размена. Разговаравме и за демократизација на регионот и јакнење на вредносните и политичките сојузи за соочување со влијанија и опасности кои му се закануваат на Западен Балкан“, напиша Курти на Фејсбук.

Курти додаде дека членството на Косово во НАТО програмата за Партнерство за мир и подигнување на одбранбените и безбедносните капацитети на Косово би придонело за одржлив мир и долгорочна стабилност на целиот регион.

„На состанокот потврдивме дека Република Косово е посветена кон постигнување на правно обврзувачкиот договор насочен кон меѓународно признавање помеѓу Косово и Србија и дека до сега конструктивно и креативно се ангажиравме во процесот на дијалогот“, истакна Курти.

Тој додаде дека односите на Косово и САД и двата народи моментално се силни и историски длабоки.

„Стоиме рамо до рамо, бидејќи сме пријатели, партнери и сојузници“, наведе Курти.

САД ја поддржуваат меѓународната интеграција на Косово

Американскиот државен секретар Блинкен по состанокот на Твитер напиша дека се состанал со претседателката на Косово Вјоса Османи и премиерот Албин Курти во Стејт Департментот во Вашингтон.

„Се состанав со косовската претседателка Османи и со премиерот Курти. САД ја поддржуваат евроатлантската и меѓународната интеграција на Косово и дијалогот на Косово и Србија кој го помага ЕУ. Го цениме гостопримството на Косово кон Авганистанците и неговата силна поддршка на Украина“, напиша Блинкен.

Османи и Курти денес во Конгресот на САД ќе учествуваат на церемонијата на потпишување со Корпорацијата на милениумски предизвици, договор времен повеќе од 200 милиони долари.

AA
Популарни