Израел користи меѓународно забранети бомби со бел фосфор во населбата Карама во северниот дел на Газа, обвинува Палестина / Photo: AA

Бројот на Палестинци загинати во Газа се искачи на 974, бидејќи израелската армија погоди стотици цели во станбените и трговските населби на густо населениот појас, соопшти во средата Министерството за здравство во Газа.

Во соопштението на министерството се вели дека во израелските напади биле повредени и 5.000 луѓе.

Истовремено, Палестина го обвини Израел дека употребил запаливо оружје со фосфор при бомбардирање на населените области во опколената Газа, дом на повеќе од 2,3 милиони луѓе. „Израелската окупација користи меѓународно забранети бомби со бел фосфор против Палестинците во населбата Карама во северниот дел на Газа“, соопшти Министерството за надворешни работи на платформата Х, порано позната како Твитер. Рами Абдо, основачот на Европската опсерваторија за човекови права, објави видео клип на платформата Х за, како што рече, израелската употреба на фосфорни бомби. „Израелските воени сили користат отровен бел фосфор на густо населените области северозападно од градот Газа“, напиша тој.

Употребата на оружје од бел фосфор за создавање димна завеса и покривање на движењата на војниците е законски прифатена, но Женевската конвенција од 1980 година забранува негова употреба во густо населени области. Нема коментар од Израел за тврдењето.

Ситуацијата ескалира во Појасот Газа по нападите на палестинската група Хамас врз израелските градови во саботата.

Израел возврати со масовни воздушни напади врз Газа.

AA
Популарни