Што и да прават, јас нема да ја напуштам мојата куќа, ќе продолжам да седам овде, вели Рабаја / Photo: AA

Палестинците во Појасот Газа, каде што Израел спречува влез на гориво, струја, вода и храна и продолжува со интензивните напади, се борат за опстанок во исклучително тешки услови, јавува Анадолу.

И покрај интензивните артилериски бомбардирања и воздушни напади кои предизвикаа големи разурнувања во станбените области и инфраструктурата во Газа, раселените семејства на југот на Појасот Газа се обидуваат да преживеат во тешки услови.

Една од куќите уништени во израелскиот напад на бегалскиот камп Ал Шабура во градот Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, припаѓала на семејството Рабаја.

Палестинското семејство денес живее во исклучително тешки услови во урнатините на нивната куќа, која беше бомбардирана пред околу две недели.

Таткото Рабаја, кој се обидува да го заштити своето семејство среде урнатините на Газа, рече дека нивната куќа била бомбардирана откако вечерале и дека не останало ништо.

„Ги баравме нашите работи. Кога не успеав да најдам ништо, најдов метална цевка од која направив флејта. Нема да се откажеме од надежта во животот. Животот е убав, мора да живееме. Ние сме луѓе кои го сакаат животот, свирам за да им олеснам на моите деца“, вели таткото Рабаја.

Иако од куќата на семејството Рабаја повеќе нема ништо и останале само урнатини, таткото Рабаја изговара многу моќна реченица додека седи на урнатините на својот поранешен дом: „Што и да прават, јас нема да ја напуштам мојата куќа, ќе продолжам да седам овде.“

Мајката на Рабаја изјави дека нивната куќа е целосно срушена.

„Нашата куќа е бомбардирана и повеќе нема место за престој на 12 членови од нашето семејство. Се засолнивме во училиштето бидејќи не можевме да земеме ништо од куќата. Сепак, нехигиената во училиштето нѐ принуди да се вратиме во нашата уништена куќа“, рече таа.

Од друга страна, има многу Палестинци кои се обидуваат да преживеат во училиштата на југот на Појасот Газа, каде што илјадници луѓе од различни делови на Газа се засолниле поради израелските напади и закани.

Палестинците собрани пред едно од училиштата во јужниот дел на регионот се обидуваат да направат леб и фелафел, локална храна во регионот.

Една Палестинка, која се наоѓа во едно од училиштата полни со раселени Палестинци, тешкотиите со кои се соочуваат ги опиша вака:

„Бевме раселени и бомбардирани. Нашите куќи беа уништени. Одевме од север кон југ со сите членови на семејството, вклучувајќи ги и нашите деца.“

Изјавувајќи дека дошла овде од населбата Ес-Сафтави во северна Газа, Палестинката рече дека им помогнала на група млади луѓе во училиштето кои подготвувале и делеле сендвичи со фелафел на раселените Палестинци.

„Народот на Газа повторно ги гради животите“, порача Палестинката.

AA
Популарни