Војниците на Северна Кореја и Јужна Кореја разменија предупредувачки истрели, обвинувајќи се меѓусебно за прекршување на западната поморска граница.
Началникот на Генералштабот на Јужна Кореја соопшти дека севернокорејски брод ја преминал северната граница во Жолтото Море, де факто поморската граница меѓу двете Кореи, а јужнокорејската војска испукала предупредувачки истрели.
„Севернокорејскиот трговски брод ја прекршил границата на полноќ во близина на островот Баенгџеонг и се повлекол на север откако јужнокорејската морнарица објавила предупредувачки пораки и испукала околу 20 предупредувачки истрели“, објави новинската агенција „Јонхап“, повикувајќи се на јужнокорејската војска.
Во меѓувреме, севернокорејскиот воен портпарол исто така го обвини бродот на јужнокорејската морнарица дека упаднал преку поморската воена демаркациона линија пред зори, на околу 20 километри северозападно од островот Паекрионг.
„Генералштабот на Корејската народна армија им даде инструкција на единиците за крајбрежна одбрана на западниот фронт строго да го набљудуваат и презедоа рани контрамерки за да го изтераат непријателскиот воен брод со истрелување 10 гранати од повеќекратен ракетен систем во околината“, се вели во соопштението на северната војска објавена од државната Корејска централна новинска агенција.
Тензиите на Корејскиот Полуостров дополнително се зголемија по неодамнешните воени вежби на Јужна Кореја и на САД, и ракетните тестирања на Северна Кореја.
Северна Кореја неодамна истрела балистичка ракета со краток дострел во Источното Море, два дена откако истрела две стратешки крстосувачки ракети со долг дострел, во кои беа вклучени единици кои оперираат со „тактичко нуклеарно оружје“.
На 4 октомври, силите на САД и Јужна Кореја одржаа заеднички вежби со боева муниција откако Северна Кореја истрела проектил над Јапонија за прв пат по пет години.
Тензиите во регионот започнаа во 2020 година кога Северна Кореја ја нападна и ја разнесе меѓукорејската канцеларија за врски долж границата. Сеул се закани со силен одговор доколку Пјонгјанг „дополнително ја влоши ситуацијата“.