И пониските жени ќе можат да бидат дел од шпанската полиција     Фото: Reuters

Пониските жени ќе можат да бидат дел од шпанските полициски сили. Највисокиот суд во земјата одлучи дека условот за минимална висина од 160 сантиметри за жените во шпанската полиција е дискриминаторски.

Судот го укина овој услов во пресудата за случајот поднесен од жена на која и беше забрането да ги полага тестовите за селекција во 2017 година бидејќи била четири сантиметри пониска од потребниот минимум.

„Условот претставува индиректна дискриминација на жените во споредба со условот за мажи од 165 сантиметри. Процентот на жени во Шпанија под овој минимум е многу поголем (25 %) отколку процентот на мажи под минимумот (3%)” се вели во пресудата.

Судот и нареди на полицијата, под услов, жената да ги положи испитите да ја вработи под исти услови како и жените кои беа вработени во 2017 година. Процесот на селекција на полициски службеници вклучува физички и медицински тестови кои гарантираат дека кандидатите се доволно способни за работното место.

Колеџот „Империјал” во Лондон спроведе анкета за просечната висина на мажите и жените во Шпанија на возраст од 19 години. Просечната висина на мажите била 176 сантиметри, додека просечната висина на жените 162 сантиметри. Анкетата е од 2019 година. Мажите од Шпанија се нашле на 58-то место според висината, меѓу мажи од 200 земји и територии, додека жените од Шпанија биле на 77-то место.

Reuters
Популарни