Барања за прием во состав на Русија, процес на одлучување на руските државни органи, но и пожестоки санкции од Европската Унија и Обединетите Нации. Ова се сценаријата што се очекуваат деновиве откако завршија референдумите за приклучување кон Русија на делови од Украина, самопрогласените народни републики во Доњецк и Луганск, областа Херсон и дел од регионот Запорожје. Референдумите се одржаа од 23 до 27 септември.
Резултати
Според претседателката на Централната изборна комисија, Елена Кравченко по пребројувањето на 100 отсто од гласовите, процентот на граѓани кои гласале за приклучување кон Русија е од 87,05 проценти во Херсон до 99,23 проценти во Доњецк.
Во Луганск за припојување кон Русија гласале 98,42 проценти, а во Запорожје 93,11 проценти.
Луганск го подготвува барањето до Путин
Според руската новинска агенција ТАСС, претседателот на самопрогласената република Луганск Леонид Пасечник денеска ќе го изготви документот со кој од рускиот претседател Владимир Путин ќе побара разгледување на можноста за прием во Русија како консултативен член.
„Резултатот е тука. Граѓаните на Луганск се определија за светла и просперитетна иднина”, беше ставот на Пасечник по објавувањето на резултатите.
Се очекува приклучување кон Русија да побараат и Доњецк, Запорожје и Херсон.
Според документот објавен од Министерството за одбрана на Велика Британија можно е рускиот претседател Владимир Путин да го искористи обраќањето пред Парламентот во петок за објава на анексијата на украинските територии.
Путин ќе ги информира Парламентот и Владата
Процедурата за припојување на нови територии кон Русија е регулирана со федералниот закон. Откако ќе бидат поднесени барањата за припојување кон Русија, Путин за тоа треба да ги информира рускиот Парламент и Владата.
На неговиот канал на Телеграм, потпретседателот на Горниот дом на рускиот Парламент Константин Косачев објасни дека доколку бидат одобрени барањата за припојување ќе треба да бидат направени нацрт договори за прием на делови од странски држави во состав на Русија. Во нив треба да бидат регулирани државјанството, сукцесијата и законодавството.
Одобрување од Уставниот суд
Откако ќе бидат потпишани договорите рускиот Уставен суд треба да донесе одлука околу тоа дали се тие во согласност со Уставниот закон на Русија. Потоа би следувала ратификација во Думата и Горниот дом.
Думата треба да изготви и федерален уставен закон за прием на нови единици во составот на Русија.
Најава за нови санкции
Додека рускиот претседател Владимир Путин најави дека ќе ги почитува резултатите од референдумите, за Киев и Европската унија тие се фарса и не се одржани според меѓународните стандарди.
„Секоја анексија во модерниот свет е злосторство. Оваа фарса не може да се нарече ниту имитација на референдум. Украина ќе продолжи да ги брани луѓето кои сега се под руска окупација”, изјави украинскиот претседател Владимир Зеленски.
Брисел најави можно проширување на санкциите кон Русија.
„Сите лица кои учествуваа во организирањето на тие нелегални референдуми и кои ги поддржаа ќе ги сносат последиците”, изјави портпаролот на Европската Комисија Петер Стано.
Обединетите нации исто така не ги признаваат референдумите, а санкции најавија и Канада и Велика Британија.
„Обединетите нации го почитуваат територијалниот интегритет на Украина и не можат да ги признаат резултатите за припојување на самопрогласените Доњетска Народна Република, Луганска Народна Република и областите Херсон и Запорожје, изјави потсекретарката на Обединетите нации за политички и мировни прашања, Розмари Ди Карло.
Според генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг гласањата во областите во Украина се измама и еклатантно кршење на меѓународното право.