Швајцарската Влада се спротивстави на барањето на НАТО, Украинците ранети во војната да се лекуваат во таа земја, повикувајќи се на воената неутралност на Швајцарија.
Според швајцарските медиуми, одредени швајцарски кантони во мај изразија подготвеност да примат на лекување ранети лица од војната во Украина, но наидоа на противење од владините кругови.
Барањето првично го упати Евроатлантскиот центар за координација и одговор во катастрофи. Ова тело меѓународно ги координира медицинските евакуации од Украина.
Барањето беше причина за истраги од страна на медицинските служби во Швајцарија, Сојузната канцеларија за јавно здравство и Федералното министерство за надворешни работи. Три недели подоцна, сојузните власти го одбија приемот на повредени Украинци поради правни и практични причини.
Главните приговори беа дека тоа би го нарушило статусот на Швајцарија како неутрална држава според меѓународното право. На пример Женевската конвенција и Хашкиот договор од 1907 бараат од неутралните држави да осигураат дека рехабилитираните војници по лекувањето нема повторно да се вклучат во воените дејствија.
Што се однесува на ранетите цивили, швајцарската Влада смета дека е речиси невозможно да се направи разлика меѓу цивили и војници во Украина со оглед на тоа што многу цивили во Украина зедоа оружје и ја бранат нивната земја. Властите во Швајцарија сепак им помагаат на ранетите со испраќање хуманитарна помош во болниците во Украина.