Десетици уапсени студенти ширум САД кои демонстрираа во универзитетските кампуси/ Фото: AFP

Десетици луѓе беа уапсени на Универзитетот во Њујорк во Менхетен при одржување на пропалестинските протести во рамки на кампусот, а слични протести на студентите се одржаа насекаде низ САД.

Според извештаите на медиуми њујоршката полиција со опрема за справување со немири влегла во кампусот на универзитетот и приведувала демонстранти кои ја осудија израелската офанзива на Појасот Газа, во која загинаа над 34.000 луѓе.

Репресијата во Њујорк се случи неколку часа откако полицијата уапси 45 лица на Универзитетот Јеил во Њу Хејвен, Конектикат и откако Универзитетот Колумбија во Њујорк објави дека се префрла на онлајн часови поради пропалестинските протести.

Минушe Шафик претседателката на Универзитетот Колумбија, која се соочува со зголемени притисоци да поднесе оставка, рече дека „децибелите“ на несогласувањата само се зголемиле во последните денови.

„За да се деескалира гневот и да ни се даде шанса на сите да ги разгледаме следните чекори, објавувам дека сите часови ќе се одржат онлајн“, рече таа.

Над 100 студенти, вклучително и ќерката на конгресменката Илхан Омар, беа уапсени во четвртокот во Универзитетот во Колумбија додека организираа протести, откако Шафик ја повика полицијата да ги растера демонстрантите.

Сите 10 републиканци од Њујорк во Претставничкиот дом ја повикаа Шафик да се повлече од функцијата поради тековните протести.

Конгресмените во понеделникот преку писмо до Шафик рекоа дека училишниот кампус на Менхетен го зафатила анархија и ја обвинија Шафик дека не им обезбедила на учениците „безбедна средина за учење“.

AA
Популарни