Израелската војна принуди 85 отсто од населението на Појасот Газа внатрешно да се раселат / Photo: AA

Бројката на убиени Палестинци во нападите на израелската војска на Појасот Газа од 7 октомври 2023 година досега се зголеми на 33.843.

Во соопштението на Министерството за здравство на Газа објавени се најновите податоци за израелските напади на Појасот Газа што траат веќе 193 дена.

Во нападите на израелската војска на Појасот Газа во последните 24 часа се убиени 46 Палестинци, а повредени се 110.

Со последните убиства, вкупната бројка на убиени лица во израелските напади на Појасот Газа од 7 октомври се зголеми на 33.843, а 76.575 се повредени.

Во соопштението, исто така, се истакнува дека под урнатините и покрај патиштата има уште загинати Палестинци, но поради постојаните израелски напади и поставени бариери, медицинските тимови и припадниците на цивилната заштита не се во можност да дојдат до телата.

Израел започна смртоносна воена офанзива врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, училишта, верски објекти и болници по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври.

Тел Авив вели дека во тој напад се убиени речиси 1.200 Израелци, но според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.

Израел воведе целосна блокада на Појасот Газа, оставајќи го неговото население, особено жителите на северна Газа, на работ на гладување.

Според податоците на Обединетите нации, израелската војна принуди 85 отсто од населението на Појасот Газа внатрешно да се раселат, предизвика акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за да обезбеди хуманитарна помош за цивилите во Газа.

AA
Популарни