Нападот бил извршен во Тулкарем во бегалскиот камп Нур Шамсl / Фото: Reuters

Во напад на израелски дрон во текот на ноќта убиени се четворица Палестинци во бегалскиот камп Нур Шамс, во северниот дел на окупираниот Западен Брег.

Министерството за здравство ги идентификуваше убиените Палестинци како Јазид Саад Адел Шафе (22), Немер Анвар Ахмад Хамаршех (25), Мухамед Јасир Раџа Шахаде (20) и Мухамед Хасан Ганем Кнох (22).

Палестинската државна новинска агенција Вафа јави дека се слушнала огромна експлозија низ градот Тулкарем, каде што се наоѓа бегалскиот камп, од проектилот на дронот што како цел го имал средишниот дел на кампот.

Националните и исламските фракции во Тулкарем жалат за „загинатите од бегалскиот камп Нур Шамс“ и прогласија генерален штрајк во Тулкарем за денес, додаде Вафа.

Одделно, шест Палестинци, меѓу кои тројца застрелани со боева муниција, се повредени во градот Беита, јужно од Наблус, во судирите со израелските сили и еврејските доселеници кои често вршат напади во градот.

Во текот на изминатите неколку години, израелската војска спроведуваше редовни рации на Западниот Брег, кои ескалираа со почетокот на војната во Газа минатиот 7 октомври. Палестинците, исто така, се насилно напаѓани и од илегалните еврејски доселеници.

Оттогаш најмалку 560 Палестинци, од кои 136 деца, се убиени, а речиси 5.300 се повредени од оган на израелската војска на окупираната територија, според Министерството за здравство.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, чија последна одлука му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине воената операција во Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, каде што повеќе од милион Палестинци побараа засолниште од војната пред да започне копнената офанзива врз градот на 6 мај.

AA
Популарни