Зеленски преку видео се обрати на Г20 Самитот во Бали / Photo: AA

Зеленски даде предлог план со 10 точки или решенија за конечен крај на војната во Украина која ја почна Русија со инвазијата во февруари годинава.

Ураинскиот претседател, во видео обраќање на Г20 Самитот во Бали, Индонезија, ја истакна опасноста од радијацијата и нуклеарна катастрофа, како главна точка на предлогот, потенцирајќи дека „никој нема право да го уценува светот со радиоактивна катаклизма“.

„Русија ја претвори нашата нуклеарна централа Запорожје во радиоактивна бомба која може да експлодира во секој момент. Каде ќе оди облакот од радијација? Можеби кон територијата на ЕУ. Можеби кон Туркије, можеби кон Блискиот Исток“.

„Сметам дека дури и хипотетичката можност за такво сценарио е криминална“, рече Зеленски, барајќи повлекување на руските сили од објектот и префрлање на неговата контрола на украинскиот персонал и персоналот на МААЕ.

Благодарност за извозот на жито

Во втората точка која ја нагласува безбедноста на храната, им се заблагодари на Туркије, ОН и другите партнери за обновувањето на иницијативата за извоз на жито преку Црното Море, од која Русија се повлече на 20 октомври, но подоцна повторно го почитуваше договорот благодарение на дипломатските напори на Анкара.

Зеленски истакна дека договорот за жито заслужува „неопределено продолжување“ без оглед на војната, тврдејќи дека „правото на храна е основно право на секој човек во светот“.

„Украина може да извезе 45 милиони тони храна оваа година и значителен дел од неа да се насочи кон оние кои најмногу страдаат. Што точно предлагаме? Секоја земја може да се приклучи со специфичен придонес и да стане ко-креатор на победата над гладот ​​и кризата со храна“, рече Зеленски.

Енергетска безбедност

Третиот предлог на Зеленски е поврзан со енергетската безбедност. Обвинувајќи ја Русија дека „студот го претворила во оружје“, тој истакна дека околу 40 отсто од енергетската инфраструктура на Украина е уништена од руските ракетни и беспилотни летала.

„Ако Русија се обидува да ги лиши Украина, Европа и сите потрошувачи на енергија во светот од предвидливост и стабилност на цените, одговорот на ова треба да биде принудно ограничување на извозните цени за Русија, така што извозната цена да не е повисока од производствената цена. Тоа е фер. Ако му одземете нешто, светот има право да ви земе нешто назад“, тврди Зеленски.

Другите предлози на Зеленски вклучуваат модел за ослободување на сите заробеници и депортираните, имплементација на Повелбата на ОН и враќање на територијалниот интегритет на Украина, повлекување на руските трупи и прекин на непријателствата, како и воспоставување на „специјален трибунал“ и меѓународен механизам за компензација за сите штети предизвикани од Русија во војната.

Создавање платформа за проценка на еколошката штета од војната, одржување на меѓународна конференција за „бетонирање“ на повоената безбедносна архитектура во евроатлантскиот простор што вклучува гаранции за Украина и потпишување на документ со кој се потврдува крајот на војна откако ќе се спроведат сите „антивоени мерки“, се исто така предложени од Зеленски.

„Изведов конкретни, практични решенија. Тие можат да се спроведат. Брзо. Тие се ефективни. И ако Русија се спротивстави на нашата мировна формула, ќе видите дека сака само војна“, заклучи Зеленски.

AA
Популарни