Во Сараево официјално е отворен 12-тиот Сараево бизнис-форум (СБФ), меѓународна инвестициска конференција на која се собираат најголемите деловни и политички лидери од регионот и светот.
Форумот е отворен со воведно обраќање на претседателот на Управниот одбор на „Босна банк интернешнал“, Алек Бакаловиќ, кој се заблагодари на Претседателството на Босна и Херцеговина, како покровител на овој настан, на Министерството за економија на кантонот Сараево и гостите од повеќе од 40 земји.
Тој истакна дека СБФ е економско најважниот проект на ББИ банка и, како што рече, нејзин највлијателен придонес во општеството.
„Сакаме да го организираме овој форум со намера да поттикнеме силна регионална соработка и да го направиме регионот поатрактивен за странските инвеститори, да се поврземе со други деловни центри со цел да го промовираме извозот на нашите компании. Сакаме да ја зајакнеме прекуграничната соработка и технологијата и да утврдиме кои се позитивните и негативните работи во нашата економија. Сакаме да ја подигнеме свеста за регулаторните промени и да ги споделиме приказните за успех на нашите инвеститори“, рече Бакаловиќ.
Тој истакна дека со програмата на Форумот сакаат да ги подигнат темите за регионална соработка, инфраструктура, туризам, финансиска индустрија и да слушаат успешни приказни.
„Регионалната деловна соработка е клучот за економскиот просперитет и напредок. Нашите говорници ќе потврдат дека балканските земји не можат самостојно да управуваат со овој регион. Инфраструктурата е од клучно значење за регионалната соработка, а инфраструктурниот капацитет има повеќекратно влијание врз економијата во секоја индустрија“, изјави Бакаловиќ, додавајќи дека за јакнење на економијата е потребна поддршка на власта во олеснување на привлекувањето на инвестициите.
Во наредните два дена Сараево бизнис-форум ќе биде место каде што ќе се сретнат бизнис-лидерите, инвеститорите и експертите и ќе разменуваат знаења, идеи и искуства.
Преку голем број панели, презентации и разговори, учесниците ќе имаат можност да се запознаат со деловните можности и предизвици во регионот и светот.
Овогодинешниот Форум ќе се фокусира на клучни теми како дигитализација, иновации, економски раст и развој, инвестиции и голем број инфраструктурни проекти.
Учесниците ќе имаат можност да слушнат реномирани експерти и говорници од различни индустрии, кои ќе ги споделат своите знаења, искуства и најдобри практики. Организаторите го потврдија учеството на повеќе од 2.000 учесници од повеќе од 50 земји во светот и повеќе од 200 акредитирани новинари.
Сараево бизнис-форум е организиран од Босна банк интернешнал (BBI) во соработка со нејзините акционери - Исламска банка за развој (IsDB), Дубаи исламска банка и Абу Даби исламска банка.
Покровител на настанот е Претседателството на Босна и Херцеговина, а стратешки партнер е Министерството за економија на кантонот Сараево и голем број домашни и странски партнери, меѓу кои и „Туркиш ерлајнс“.