Илон Маск, еден од водечките светски претприемачи и инвеститори, рече дека не планира да го купи англискиот фудбалски клуб Манчестер Јунајтед, неколку часа откако предизвика узбуна на Твитер.
„Не, ова е долготрајна шега на Твитер. Не купувам никакви спортски тимови“, одговори Маск рано денеска на прашањето на корисниците на Твитер дали е сериозен во намерата да го преземе англискиот фудбалски тим.
„Но, кога би бил во прашање кој било тим, тоа би бил Манчестер Јунајтед. Тоа беше мојот омилен тим додека бев дете“, додаде тој.
Маск неколку часа претходно објави дека го купува Манчестер Јунајтед, што предизвика лавина коментари меѓу корисниците на таа социјална мрежа.
Неговата објава главно беше прифатена со скептицизам, со оглед на неговата историја со збунувачки и необични изјави на таа платформа.
Меѓутоа, објавата, на одделни навивачи на Јунајтед, кои се незадоволни од резултатите и водењето на клубот, им даде надеж.
Навивачите на Манчестер Јунајтед последните години протестираа против американското семејство Глејзер, кое го купи клубот во 2005 година, повикувајќи го да го продаде.