Денеска во светот се прославува Светскиот ден на шахот, универзална игра со неодолива привлечност и шарм.
Меѓународната шаховска федерација (ФИДЕ) и шахистите ширум светот од 1966 година го слават 20. јули како меѓународен ден на шахот, но Генералното собрание на ОН во 2019 година го прогласи 20 јули за Светски ден на шахот за да го одбележи датумот на основањето на ФИДЕ во Париз во 1924 година.
Оваа древна игра на табла со 64 полиња бара, но и развива концентрација, креативност и тактичност и е една од омилените форми на забава за многумина.
Над 600 милиони луѓе играат шах секој ден
Според ОН, шахот е глобална игра која промовира правичност ,инклузивност и меѓусебно почитување, придонесува за атмосфера на толеранција и разбирање меѓу луѓето и обезбедува важна платформа за поттикнување на дијалогот, солидарноста и културата на мир.
Повеќе од 70 проценти од возрасните во Русија, САД, Велика Британија, Германија и Индија играле шах во одреден период од нивниот живот. Денес над 600 милиони луѓе играат шах секој ден, а бројот само се зголемува.
Шахот е исклучително корисна игра за когнитивно подобрување на човекот и има бројни позитивни ефекти врз здравјето. Иако некои ќе кажат дека шахот треба да се игра на класичен начин, со физичка табла и опипливи фигури, придобивките од шахот може да се реализираат и во неговата виртуелна форма.
Универзалната привлечност на шахот лежи во фактот дека тој е прифатлива и инклузивна активност која може да се спроведува и вежба насекаде независно од бариерите на јазикот, возраста, полот, физичките способности или социјалниот статус.
Чатуранга- игра слична на шахот од 6. век
Денес има над 2.000 препознатливи варијанти на играта. Потеклото на шахот не е целосно познато, а првпат се споменува во 6. век. Сепак, се верува дека е создаден уште порано, некаде околу почетокот на нашата ера.
Една теорија е дека раната игра слична на шахот наречена чатуранга потекнува од северниот Индиски потконтинент за време на периодот Гупта (приближно 319 - 543 н.е.) и се проширила по Патот на свилата западно до Персија.
Името шах се верува дека е изведено токму од називот „чатуранга“, име на играта запишана на санскрит од Персија од крајот на 600. година. Имено, тогаш во Сасандиска Персија дошол амбасадор од Индискиот потконтинент, кој на кралот Косроу Први (531- 579) му ја подарил играта чатуранга.
Персијците ја нарекле играта „Чатранг“, што значи „четири дивизии“ и се однесува на поделбите на војската во четири родови, кои пресликани на шаховската табла тогаш се однесувале на фигурите на пешадијата, коњаницата, воините на слонови и во кочии. Во современиот шах овие фигури означуваа помодерни воени родови како што е артилеријата, па фигурите станаа пион, скокач, ловец и топ.
Популаризација на шахот во Европа
Играта од Персија се проширила кон Арапскиот полуостров и Византија, а Арапите наместо чатранг ја нарекле „шатранџ“, која била исклучително популарна.
Во 900 година шаховските мајстори на Абасидите- ал Сули и ал Лајлај напишале дела за техниките и стратегијата на играта, која во Европа се проширила токму преку Арапите и Византијците. До 1000 година шахот бил популарен низ Европа и во Русија, каде што бил донесен од Евроазиската степа. Ракописите на Алфонсо, познати и како „Libro de los Juegos“ (Книга на игрите), средновековна збирка текстови за три различни типови на популарна игра од 13 век н.е., ја опишуваат играта шах како многу слична на персискиот шатранџ по правила и игра.
Шахот во Европа станал најпопуларен за време на крстоносните војни. Европејците потоа донесоа промени кои ја направија играта подинамична и со што шатранџ се трансформираше во шах близок до она што го знаеме денес.
Околу 1470 година, беше воведена можеби најзначајната промена во шахот, кога концептот беше целосно изменет со промена на кралицата од најслаба во најсилна фигура.
Подоцна, шахот се проширил меѓу слоевите, почнувајќи од кралските дворови, преку растечката средна класа, па сè до гостилниците каде што станал достапен за секого.