Каде треба да успорите: Држави со најмногу камери за следење брзина     Фото: ТРТ Балкан

Летото е време кога голем дел од населението оди со автомобил на годишен одмор, често патувајќи и над 500 километри во еден ден. Дел од возачите ги следат правилата за возење и возат според сообраќајните прописи, но дел сакаат да стиснат на педалата за гас и да возат побрзо од дозволеното, ризикувајќи ја безбедноста во сообраќајот како и можноста да добијат казна.

Во прилог ТРТ Балкан ви дава преглед на државите во светот, но и во регионот кои имаат најмногу камери за мерење на брзината со која се движат возилата. Доколку ве уловат на таква камера многу веројатно дека ќе треба да платите казна.

Над 100.000 камери во светот

Во светот има над 100.000 камери за мерење брзина во сообраќајот, од кои две третини се во Европа, според статистичката база Статиста, која пак се повикува на Светската датабаза за камери за брзина (The ​​Worldwide Speed ​​Camera Database).

Од 107 земји, според базата на податоци, Русија има убедливо најголем број на камери за брзина - 18.393. На второто место е Бразил со 16.997. Од Статиста објаснуваат дека ова е разбирливо со оглед на териториите што ги зафаќаат двете држави.

Она што е интересно е сепак третата земја на ова листа- Италија, која има несразмерно висок број на камери за брзина и покрај тоа што е педесет пати помала од Русија: Во Италија има вкупно 10.787 камери.

Во САД има 7.366 камери од кои повеќе од половина се камери за „црвено светло“ кои проверуваат возила што поминале без да застанат на знакот стоп.

Во Велика Британија има има сличен број, но, наместо да ги следи црвените светла, најголемиот дел регистрираат пребрзо возење.

Како е на Балканот?

На патиштата во Босна и Херцеговина има вкупно 254 камери, од кои најголем дел се за мерење брзина. Во Хрватска има најмногу на Балканот и тоа 391 камера, од кои најголем дел се за регистрирање на брзина.

Доколку возите низ патиштата на Србија, ќе ве снимаат вкупно 142 камери од кои голем дел мерат брзина. Во Словенија има 130 камери за снимање во сообраќајот. За останатите балкански земји нема податоци.

TRT Balkan
Популарни