Британската веб страница за економски и осигурителни совети Compare the market, односно нејзиниот сервис во Австралија ги рангираше најдобрите и најлошите земји во светот за возење.
Притоа, тие анализираа повеќе фактори- бројот на загинати на патиштата, метежот на улиците, цените на горивото, изнајмувањето на автомобили и други параметри.
Најдобрите земји за возење
1. Шпанија
Шпанија е официјално најдобрата земја за возење. Не само што ја има третата најниска цена за изнајмување автомобили, во просек од 30 евра за една недела, туку го има и петтото најдобро ниво на квалитет на патиштата, со резултат од 5,7/7 и е девета од десетте држави со најмал број сообраќајни несреќи со смртни случаи- 3,9 на 100.000 луѓе.
2. Канада
Канада е втора, со своите огромни празни патишта идеални за странските возачи. Трошоците за гориво во времето на собирањето на податоците (крајот на 2023 година) беа само 1,19 евра за литар, а Канада исто така го има четвртото најниско ниво на метеж, што значи дека просечно се потребни само околу 14 минути за да се извозат 10 километри.
3. САД
Со најниски цени на бензинот од само 0,93 евра за литар, и втора според бројот на патувања по пат ( road trip) со импресивни 19.200 пребарувања во текот на годината, САД се рангирани на многу респектабилно трето место за возачите.
Се разбира, трошоците за изнајмување автомобили се поскапи, во просек 214 евра за една недела, но имате толку многу избори кога се во прашање патиштата. Можете да се одлучите за класичната рута 66, која се протега од Чикаго до Санта Моника, автопатот на брегот на Пацификот или турнеја на југ преку Тексас, Луизијана, Алабама и други држави.
4. Велика Британија
Ако се занемари возењето на спротивната страна, Велика Британија е четвртото најдобро место за возење, со најголем обем на пребарувања на патувања (19.800) и петтa држава сo најмал број фатални сообраќајни несреќи- 3,21 смртни случаи на 100.000 луѓе.
Иако нивоата на сообраќаен метеж се највисоки на листата, во просек се потребни 36,3 минути за да преминете 10 километри, штом ќе ги напуштите големите градови помала е веројатноста да заглавите во сообраќајот.
5. Португалија
Португалија е во првите пет, со четврти најдобар квалитет на патишта на листата со оценка 5,99 од 7, со петта најниска цена за изнајмување автомобили од околу 40 евра за една недела.
Други земји
На Европа и оди многу добро, а Шведска, Норвешка, Италија, Швајцарија и Австрија ги сочинуваат останатите пет држави меѓу топ 10 земји за возење. Од друга страна, Австралија има најниско ниво на метеж, во просек 12,3 минути на 10 километри возење, а по неа е Холандија со 12,8 минути.
Кога станува збор за сообраќајните несреќи, најмалку имаат Норвешка и Швајцарија, со 2,12 и 2,25 смртни случаи на 100.000 луѓе, додека Холандија и Швајцарија имаат најдобар квалитет на патишта во светот.
Најлоши земји за возење
1. Србија
Србија ја освои првата позиција во категоријата најлошо место за возење. Иако ова може делумно да се припише на фактот дека нема достапни податоци за сообраќајниот метеж, сепак, изостануваат добри резултати меѓу другите фактори.
Северниот сосед е на второто место според пребарувањата за друмски патувања- само 140 (единственото место со помала оценка беше Чешка, со 120), туку го има и второто најлошо ниво на квалитет на патиштата. Сепак, треба да се напомене дека бензинот е евтин- 1,58 евра за литар.
2. Романија
На второ место е Романија, со најлош квалитет на патишта на оваа листа, со оценка од само 2,95, како и втора позиција според број на сообраќајни несреќи-со 10,29 загинати на 100.000 луѓе.
Нивоата на застој се високи, потребни се околу 27,3 минути за да се извозат 10 километри, но има најниски трошоци за изнајмување автомобили од 20 евра за една недела, како и четврта најниска цена на гориво од 1,40 евра за литар.
3. Белгија
Третата најлоша земја за возење според ова истражување е Белгија, и тоа со добра причина. Трошоците за изнајмување автомобили се петти највисоки, приближно 215 евра за една недела, а квалитетот на патиштата е лош.
Белгија, исто така, има шесто највисоко ниво на метеж, каде се потребни околу 25,5 минути за да сепоминат 10 километри. Сепак, земјата е релативно мала и градовите се добро поврзани со воз, така што лесно можете да стигнете од Брисел до Антверпен за 40 минути и од Брисел до Бриж за помалку од еден час, што го прави идеална опција.
4. Грција
Грција е на четврто место, со четврта најголема стапка на фатални сообраќајни несреќи- 8,31 на 100.000 луѓе, како и шеста најскапа цена на горивата, со просечни 1,92 евра за литар. Сепак, според трошоците за изнајмување автомобили се втори,со само 25 евра за една недела.
5. Унгарија
Унгарија ја заокружува топ пет листата на најлоши земји за возење. Како и Србија, таа има втор најмал обем на пребарување за патни патувања, со само 140, како и четврто најлошо ниво на квалитет на патиштата, со оценка од 4,02 од 7.
Земјата, исто така, го има седмото место по бројот на сообраќајни несреќи, со 7,74 смртни случаи на 100.000.
Европските земји ги сочинуваат и останатите десет најлоши земји за возење- Хрватска е на шестото место, а потоа следат Полска, Финска, Чешка и Данска.
За многу скандинавски земји, трошоците за изнајмување автомобили и цените на бензинот придонесоа за лошо рангирање, иако многу од овие земји исто така постигнаа низок резултат во обемот на пребарувања за патувања по пат, што укажува на тоа дека луѓето не размислуваат за возење кога бараат опции за патување во овие земји.