Познатиот индонезиски остров Бали го нуди најдоброто и најскапото кафе во светот, познато како „Копи Лувак“ или кафе „Лувак“, направено од зрна добиени од необичен извор: изметот на мал локален цицач, малајската куна или азискиот палмин цибет.
Ни Кетут Будијани, која работи во локалната плантажа за кафето „Лувак“, го раскажа процесот на правење на ова необично кафе.
„За да се подготват зрната, обично е потребна една недела, во зависност од временските услови“, рече Будијани.
„Ако не врне, процесот за кафето Лувак трае една недела.“
Крајниот резултат е многу подобар кога зрната се промиваат под сјајна сончева светлина и ведро небо. Но ако се појават дождовни облаци, тие може да се исушат во затворен простор, иако тоа влијае на вкусот на напитокот.
Дел од она што ова специјално кафе го прави уникатно е начинот на кој зрната се собираат од дивината - преку изметот на необичното животно цибет, кое личи на мачка и кое ги јаде плодовите кои ги содржат зрната кафе. Изедените плодови, кои висат од гранките на дрвјата, во текот на ноќта ги ферментира и ги исфрла од својот дигестивен систем до утрото.
„Навечер одат кај растенијата на кафе, ги избираат бобинките, ги голтаат и ги обработуваат во стомакот. Кога го јадат, го соџвакуваат плодот, а не зрното на кафето внатре. Тие го јадат црвеникавото до светлокафеаво овошје, а зрното го исфрлаат преку нивниот измет“, рече таа.
Откако ќе излезат од дигестивниот систем на животното, зрната кафе се мијат во топла вода и се варат одредено време.
Варените зрна се оставаат да се исушат - по можност под сонце. Откако ќе се исушат, се отстранува тврдата кора од семето и зрното кафе се вади однатре.
„Потоа [зрната кафе] повторно ги чистиме со топла вода и завршуваме со сушење и печење“, додаде Будијани.
Се смета дека дигестивните ензими на животното ја намалуваат киселоста на зрната кафе, со што се добива кафе со уникатен вкус и арома.
„Кафето „Лувак“ има јак мирис кога го пиете. Но може да се пие и без шеќер“, предложи таа, додавајќи дека во споредба со силното балиско кафе „Робуста“, има подобар вкус со шеќер.
Рајот на кафето и чајот
Илјадници туристи кои го посетуваат Бали секоја година доаѓаат во продавниците за кафе и кафулињата за да ја вкусат неверојатната „јава“, која чини околу 50.000 индонезиски рупии (3,17 долари) по шолја.
Муштериите можат да побараат да видат и како се пече нивното порачано кафе „Лувак“ и како се меле со помош на голем аван.
„Мелењето трае околу еден час за најмалку 2 килограми зрна кафе“, рече Будијани, а меленото кафе потоа, пред пакувањето, се просејува. За да се осигура чистотата и хигиената, Будијани рече дека може да се користат и машини за обработка на егзотичното кафе.
„На многу луѓе, кога ќе дојдат и ќе го пробаат, навистина им се допаѓа. Имаме многу клиенти кои доаѓаат тука... и го пробуваат“, рече таа.
Кафулињата им нудат на посетителите и широка палета егзотични и локални чаеви, како и опции на различни видови кафе.
Чај од кожата на автохтоното тропско овошје мангостин, чај од розела и чајот од обичен и црвен ѓумбир се меѓу другите опции што туристите можат да ги пробаат.
„Смирувачкиот чај од мангостин, кој, исто така е и силен антиоксиданс, може да помогне во ублажување на стресот и на инфламацијата“, рече Будијани.
„Многу е популарен овде. Кога луѓето доаѓаат, тие го бараат тој чај“, рече таа.