Премиерот на Папуа Нова Гвинеја, Џејмс Марапе го објави составот на неговиот нов кабинет. Во владата ќе има не само нови лица туку и нови позиции. Земјата ќе добие и министер за кафе.
Според Марапе ова ја покажува посветеноста на владата во проширувањето на најважните земјоделски гранки. Освен за кафе новата влада ќе има и министер за палмино масло. Марапе беше реизбран за премиер на почетокот на месецот. На изборите беше регистрирано насилство и измама на гласачите.
„Именувањата ја истакнуваат важноста на земјоделието. Тоа е секторот каде владата може да има најголемо влијание во однос на населението на земјата. Егзистенцијата на голем дел од луѓето е поврзана со земјоделие. Мора да го охрабриме народот да се занимава со земјоделско производство”, изјави Марапе кога го промовираше неговиот кабинет составен од 33 членови.
Според Марапе индустријата за кафе треба да заживее за да донесе повеќе приходи.
Новиот министер за кафе Џо Кули, како што истакна премиерот го сфаќа ова бидејќи потекнува од делови од земјата во кои порано имаше огромни плантажи за кафе кои потоа беа запуштени.
„Фокусот на министерот Кули ќе биде кафе, кафе и кафе. Сакам да пијам кафе, направено во Горока, планината Хаген и други делови на земјата. Сакам да видам повеќе кафе кое се одгледува за извоз на пазарите во светот”, изјави Марапе.
Земјоделците од руралните средини во Папуа Нова Гвинеја произведуваат близу 85 проценти од годишното производство на кафе во земјата. Кафето е извор на приход за близу два милиони луѓе, околу една четвртина од населението. Кафето учествува во БДП на земјата со 6 проценти, додека палминото масло со 27 проценти.
Френсис Манеке е назначен за нов министер за палмино масло. Премиерот Марапе е уверен дека министерот ќе има на располагање големи површини обработлива земја што ќе придонесе за зголемување на производството.