Најдолгиот патнички воз во светот, составен од 100 вагони кои се протегаа во должина од речиси два километри, помина низ швајцарските Алпи.     Фото: Rhaetian Railway

Најдолгиот патнички воз во светот, составен од 100 вагони кои се протегаа во должина од речиси два километри, помина низ швајцарските Алпи во саботата, објави швајцарската компанија „Ретинска железница“.

Компанијата соопшти дека го соборила светскиот рекорд за најдолг патнички воз по повод 175-годишнината од швајцарската железница.

Возот долг 1.910 метри, составен од 100 вагони, патуваше низ Алпите по една од најспектакуларните пруги, која минува низ Албулa и Бернино.

Импресивна инфраструктура

Овој дел од пругата која датира од 1904 година е дел од светското наследство на УНЕСКО во Европа и има импресивна инфраструктура со 22 тунели, од кои некои се спирални и минуваат низ планините и преку 48 мостови, вклучувајќи го и познатиот вијадукт Ландвасер.

Целото патување од околу 25 километри траеше повеќе од еден час.

Директорот на „Ретинска железница“, Ренато Фасцијати, рече дека целта на поставувањето на рекордот е да се истакнат некои од инженерските достигнувања на Швајцарија и да се одбележат 175 години од швајцарската железница.

TRT Balkan / агенции
Популарни