Ново британско истражување укажува на позитивниот ефект од учењето да се свири на клавир врз способноста на мозокот да обработува слики и звуци и во намалувањето на лошото расположение, анксиозноста, стресот и депресијата.
Истражувачите од Универзитетот во Бат следеле почетници кои земале часови по пијано само еден час неделно во период од 11 недели. Испитаниците пријавиле значителни подобрувања во препознавањето на аудио-визуелните промени во околината, како и намалени чувства на анксиозност, стрес и депресија.
Индивидуалните инструкции вклучувале 20 минути вежби за прстите, после што следувало свирење на музички дела од листата на наставен материјал за прво одделение во музичко училиште, смер клавир, во траење од 40 минути.
Резултатите објавени во списанието „Nature Scientific Reports“ покажаа дека кај лицата кои учеле да свират клавир подобрена им е способноста да обработуваат мултисензорни информации на вид и звук, а по инструкциите биле и помалку анксиозни.
„Веќе знаеме дека свирењето и слушањето музика често носи радост во нашите животи, но со оваа студија сакавме да дознаеме повеќе за директните ефекти кои краток период на учење музика може да ги има врз нашите когнитивни способности“, рече д-р Карин Петрини, професорка на Катедрата за психологија на Универзитетот во Бат.
„Да се научи да се свири инструмент како клавир е сложена задача. Од музичарот се бара да знае да ја чита партитурата, да генерира движења и да следи звучни и тактилни повратни информации за да продолжи со понатамошните активности. Во научна смисла, процесот ги поврзува визуелните со звучните елементи и резултира со мултисензорен тренинг за поединецот“, појасни др. Петрини.
Резултатите од студијата покажуваат дека свирењето на клавир има значаен, позитивен ефект врз начинот на кој мозокот ги обработува аудио-визуелните информации дури и во зрелоста кога е намалена пластичноста на мозокот. Во рандомизирана контролна студија, 31 возрасно лице е распоредено во три групи: група за музичко учење, група за слушање музика и контролна група.
Поединци од првата група свиреле, односно произведувале музика, додека оние од контролната група или слушале музика или тоа време го користеле за домашна задача. Истражувачите откриле дека во само неколку недели од почетокот на учењето способноста на учесниците да обработуваат мултисензорни визуелни и аудио информации се подобрила.
Тестирањето покажа дека подобрената мултисензорна обработка има предност за речиси секоја активност во која се занимаваме, од возење автомобил и преминување на пат до наоѓање некого во толпата или гледање телевизија. Така, благодарение на музичката инструкција, аудио-визуелната обработка стана попрецизна и во другите задачи.
Оние кои оделе на часови по клавир покажале поголема точност во тестовите во кои учесниците требале да утврдат дали звучните и визуелните „настани“ се одвивале во исто време, но подобрувањето во обработката на мултисензорните информации не е приметено во група која само слушала музика или во контролната група чии учесници само учеле или читале.
Авторите на студијата сметаат дека часовите по музика би можеле да бидат корисни за лицата со ментална попреченост, поради што се спроведуваат дополнителни истражувања за го потврдат тоа.