До крајот на овој век, нивото на најголемото езеро во светот Каспиското, познато и кско Касписко Море, би можело да се намали за 18 метри, а неговата површина да се намали за една третина. Покрај заканата за еколошкиот систем на најголемото езеро во светот, промената на нивото на водата ќе има и геополитички последици.
Според научните прогнози објавени во списанието „Nature“, до крајот на овој век се очекува нивото на Каспиското Езеро да се намали за 9 до 18 метри, а неговата површина од 23 до дури 34 отсто.
Тоа значи дека на површината би се издигнале крајбрежното дно на северот на Каспиското Море и на југоисток во близина на Туркменистан и крајбрежните области во средното и јужното Касписко Море.
Лагуната Гарабогазкол на источната страна на Каспиското Езеро во Туркменистан се очекува целосно да пресуши до крајот на векот. Во тој случај, главниот град на Азербејџан, Баку, повеќе не би бил пристанишен град, а северното Касписко Езеро целосно би исчезнало.
Промените во дотокот на вода во Каспиското Море ќе ги загрозат заштитените крајбрежни екосистеми, како што се мочуриштата во делтата на Волга и на иранскиот брег на езерото.
Како резултат на повисоките температури и промените во наслагите на седименти, според предвидувањата на научниците, може да се создадат области со помала содржина на кислород, што ќе го загрози уникатниот екосистем кој се развивал во текот на милиони години. Смалувањето на морињата главно ќе ги загрози рибарството и земјоделството.
Загрижени се и бродарите, бидејќи пристаништата мораат се повеќе да го продлабочуваат дното поради спуштањето на нивото на водата.
Повеќето пристаништа во Каспиското Море можат да примаат само пловни објекти со газ од околу 3,5 метри, што е речиси половина од нормата, што е шест метри, пишува интернет порталот „Порти на Европа“.
Бродовите на тој начин можат да пристигнат во касписките пристаништа натоварени со само 70-75 отсто од нивниот товар.