Mинатата година 7,4 милиони туристи престојувале во прашките хотели и во приватно сместување, барем за една ноќ / Photo: Praha.eu Facebook

Градот Прага одлучи да им забрани на туристичките агенции ноќни посети во пабовите во целиот град, поради проблеми со бучавата, поплаки на жителите, но и поради безбедносни прашања.

Оваа одлука имплицира дека агенциите повеќе нема да можат да вршат обиколки на туристи во пабови од 22 до 6 часот, пренесува чешкиот портал Експатс и додава дека градските власти решиле да се справат со бучните и пијани гости.

„Неразумното консумирање алкохол и вознемирувачкото однесување поврзано со одење во паб може да создаде впечаток на недостаток на софистицираност во заедницата, да го намали чувството на безбедност и да ги натера луѓето да избегнуваат одредени локации“, се вели во одлуката.

„Со ажурираните пазарни прописи, имаме ефикасна алатка за гарантирање на редот, за борба против прекумерната бучава на улиците и други негативни последици за локалното население“, рече во понеделник началникот на првиот округ во Прага, Терезие Радомерска.

Локалните власти се обидуваат да го избегнат „алкохолниот туризам“ и да го промовираат „културниот туризам“ во центарот на градот.

Радомерска истакна дека тој дел од градот со своите театри, кафулиња, ресторани и галерии има и други атракции што може да им ги понуди на туристите освен ексклузивното консумирање алкохол.

Правилата нема да влијаат на вообичаените туристички тури низ градот.

Неколку туроператори изразија неверување и фрустрација на оваа одлука.

Портпаролот на туристичката компанија која нуди патувања во пабови ги обвини локалните политичари дека се обидуваат да освојат „евтини политички поени“.

Тој рече дека туристичките групи кои патуваат без туристички водич ќе предизвикаат многу поголема врева.

Прага е една од најпосетуваните туристички дестинации во светот, што, како што се наведува, подразбира преголем ангажман на комунални услуги, како што се чистотата на градот и безбедноста на градот, што претставува оптоварување и на буџетот и на кадровските капацитети.

Порталот додава и дека Прага долго време се бори со „алкохолниот туризам“ и прекумерниот туризам, а според податоците на чешкиот статистички институт, минатата година 7,4 милиони туристи престојувале во прашките хотели и во приватно сместување, барем за една ноќ, што е повеќе од пет пати повеќе отколку што живеат во тој град.

Се уште не е познато дали одлуката ќе биде оспорена пред суд.

Германците ја сочинуваат најголемата група посетители со 17,6 отсто, а потоа следат туристите од САД, Велика Британија и од соседна Словачка.

Но, туризмот во Прага е сè уште под нивото забележано пред пандемијата на коронавирус.

И други градови во Европа се соочуваат со протести поради проблемите предизвикани од таканаречениот прекумерен туризам, вклучително Барселона и Венеција, каде локалните власти оваа година се обидоа со програма за наплата на посетителите за влез во градот.

И градските власти на Рим минатата недела најавија сличен потег. Тие ќе го ограничат пристапот до Фонтаната Треви, еден од нејзините најфреквентни споменици, за време на јубилејната римокатоличка света година 2025 година, како дел од пилот-проектот кој исто така може да резултира со такса за посета на познатата римска знаменитост.

„Ситуацијата кај Фонтаната Треви станува сè потешка за управување“, изјави градоначалникот на Рим Роберто Гуалтиери.

TRT Balkan / агенции
Популарни