Ситуацијата кај Фонтаната Треви станува сè потешка за управување, изјави градоначалникот на Рим Роберто Гуалтиери / Photo: Reuters

Градските власти на Рим ќе го ограничат пристапот до Фонтаната Треви, еден од нејзините најфреквентни споменици, за време на јубилејната римокатоличка света година 2025 година, како дел од пилот-проектот кој исто така може да резултира со такса за посета на познатата римска знаменитост, изјави во понеделникот градоначалникот на Рим Роберто Гуалтиери.

Италијанската престолнина се подготвува за Светата година или јубилејот во 2025 година, римокатолички настан кој трае една година, кој се очекува да привлече 32 милиони туристи и аџии.

Гуалтиери најави и почеток на вонредното одржување на фонтаната во понеделник, кога ќе биде покриена со проѕирни панели, но наскоро работниците ќе постават патека во форма на потковица низ која посетителите ќе можат да пешачат, уживајќи во необичен поглед на оваа римска знаменитост.

„Ситуацијата кај Фонтаната Треви станува сè потешка за управување“, изјави тој за новинарите.

Според сегашните планови, посетата на фонтаната треба да биде овозможена за сите оние кои имаат претходна резервација и фиксен термин за посета, а само ограничен број луѓе ќе можат да пристапат до просторот околу фонтаната.

„Римјаните веројатно ќе можат бесплатно да пристапат до фонтаната, а на туристите може да им се наплати симболична сума од едно или две евра“, изјави советникот за туризам во Рим, Алесандро Онорато.

Туристите сепак ќе можат да фрлат паричка во фонтаната, што традиционално ја означува нивната желба да се вратат во Вечниот град, рече Гуалтиери.

„Целта на овој потег не е собирање пари, туку подобро контролирање на мноштвото туристи кои секојдневно ја посетуваат фонтаната, велат од градот.

И други градови во Европа се соочуваат со протести поради проблемите предизвикани од таканаречениот прекумерен туризам, вклучително Барселона и Венеција, каде локалните власти оваа година се обидоа со програма за наплата на посетителите за влез во градот.

Фонтаната ди Треви, во која посетителите традиционално фрлаат паричка за да го гарантираат нивното враќање во Рим и исполнувањето на нивните желби, долго време е главна атракција, дури и за светските лидери кои го посетуваат градот.

Фонтаната е изградена во 1762 година и ги прикажува Тритоните кои ја водат кочијата на богот Океанус, симболизирајќи ја темата за припитомување на водите. Исто така, на оваа локација е снимена и легендарната сцена од филмот „Ла Долче Вита“.

TRT Balkan / агенции
Популарни