100 дена израелски напади во Газа: Палестинците бараат меѓународна правда / Photo: AA

Палестинците бараат од Меѓународниот суд на правдата (МСП) да го запре бруталниот напад на Тел Авив и да го казни Израел за геноцид, додека израелската крвава војна во Појасот Газа во која загинаа речиси 24.000 луѓе, достигна 100 дена јавува Анадолу.

Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз палестинската енклава, уништувајќи голем дел од тесната крајбрежна територија како одмазда за прекуграничниот напад на палестинската група Хамас на 7 октомври.

Според Обединетите нации (ОН), поради смртоносните напади, 85 отсто од населението на Газа е внатрешно раселено и има акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена.

Додека меѓународната заедница мирно ги следеше израелските напади, Јужноафриканската Република поднесе жалба до МСП во која го обвинува Израел за геноцид во Појасот Газа.

Израел ги отфрли обвинувањата, тврдејќи дека неговата офанзива на Појасот Газа била во „самоодбрана“.

Доколку судот издаде наредба за запирање на израелската офанзива и Тел Авив не се усогласи, може да се соочи со санкции од ОН.

Масовно уништување

Според владината канцеларија за медиуми во Газа, повеќе од 69.300 станбени единици и 290.000 други згради биле оштетени во израелската офанзива.

Податоците објавени од Канцеларијата за медиуми покажуваат дека 121 амбулантно возило биле погодени, а 30 болници, 150 здравствени установи и 53 здравствени центри биле вон функција поради израелските напади.

Се известува и дека 95 училишта се уништени, 295 се оштетени, 145 џамии се урнати, додека 243 делумно се оштетени од израелските напади.

Ниту црквите не беа поштедени од израелското бомбардирање. Канцеларијата соопшти дека три цркви во Газа се тешко оштетени, а уништени се 200 археолошки локалитети.

Израелските напади принудија десетици илјади Палестинци да ги напуштат своите домови.

„Околу еден милион луѓе пристигнаа во градот Рафа на југот на Газа од избувнувањето на израелската војна. Општинските власти веќе не се во можност да ги контролираат сите основни услуги во градот, особено собирањето отпад поради големиот број бегалци“, рече градоначалникот Ахмед ал-Суфи.

Недостатоци

Слични настани беа забележани и во градовите во централниот и северниот дел на Појасот Газа поради големиот недостиг на гориво, што предизвика појава на болести кај жителите и раселените лица, особено кај децата.

Поради недостиг на чиста вода, раселените и жителите не можат да ја одржуваат хигиената неопходна за спречување на болести. Покрај тоа на палестинската територија има бројни предупредувања и за глад.

УНИЦЕФ минатата недела предупреди дека повеќе од 1,1 милион деца се изложени на ризик поради влошување на конфликтите, неухранетоста и болестите во Појасот Газа.

Здравствениот сектор во Газа од почетокот на израелската блокада на енклавата се бори со недостигот на лекови и медицински материјали.

Израел ги затвори сите премини со Газа од 7 октомври, додека преминот Рафа меѓу палестинската територија и Египет е делумно отворен за влез на ограничени количини на помош.

Според Белата куќа, до 200 камиони би можеле да влезат во Газа секој ден, дел од околу 500 пратки што влегувале дневно пред почетокот на војната, кога потребите биле многу помалку акутни.

AA
Популарни