Високиот претставник на Европската Унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, во понеделникот изрази надеж дека дипломатските напори предводени од Туркије за деблокирање на извозот на украинското жито ќе резултираат со договор оваа недела.
„Се надевам дека оваа недела ќе биде можно да се постигне договор за деблокирање на Одеса и други украински бродови“, рече Борел пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.
Тој истакна дека „тоа не е дипломатска игра“ бидејќи од овој договор зависат животите на „десетици илјади луѓе“.
Борел, исто така, ја отфрли можноста за стопирање на „поддршката за Украина и воведување санкции кон Русија“ дури и ако Москва се закани дека ќе го прекине снабдувањето со гас за Унијата.
Тој додаде дека министрите за надворешни работи на ЕУ ќе разговараат за забраната за увоз на руско злато и за други амандмани на постоечките санкции за нивно подобро спроведување.
Ќе разговараат и за плановите за зајакнување на воената помош за Украина, а на утринската сесија ќе се приклучи и украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.
Министрите на ЕУ попладне ќе разговараат и за односите на блокот со Латинска Америка, процесот на пристапување на Северна Македонија и Албанија во ЕУ и дигиталната дипломатија.