Бројот на луѓе принудени да избегаат од конфликти, насилство, кршење на човековите права и прогон сега ја надмина застрашувачката бројка од 100 милиони за првпат во историјата, зголемен од војната во Украина и други смртоносни конфликти, оценува Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР).
„Сто милиони се страшна бројка – подеднакво отрезнувачка и алармантна. Тоа е рекорд што никогаш не смееше да се постигне“, изјави високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди.
Присилното раселување на луѓе низ светот е комплексен глобален проблем за кој е потребно да се најдат одговори на многу прашања. Војните, конфликтите, тероризмот и насилството ги принудуваат луѓето да ги напуштат своите домови и да го започнат „патот на надежта“, со цел да се засолнат.
„Ова мора да послужи како аларм за да се решат и спречат деструктивните конфликти, да се стави крај на прогонот и да се решат причините кои принудуваат невини луѓе да ги напуштаат своите домови“, оценува Гранди.
Нови бранови на насилство
Според новите податоци на УНХЦР, бројот на присилно раселени луѓе ширум светот се искачи на 90 милиони до крајот на 2021 година, распламтен од новите бранови насилство или долготрајните конфликти во државите вклучувајќи ги Етиопија, Буркина Фасо, Мјанмар, Нигерија, Авганистан и Демократската Република Конго.
Војната во Украина расели 8 милиони луѓе
Покрај тоа, војната во Украина расели 8 милиони луѓе во рамките на земјата оваа година, а регистрирани се повеќе од 6 милиони бегалски движења од Украина кон надвор.
Со над 1 отсто од глобалното население, вкупната бројка е еквивалентна на 14-тата најнаселена држава во светот. Тука се вбројани и бегалците и барателите на азил, како и 53,2 милиони луѓе раселени внатре во границите на своите држави поради конфликт, според неодамна објавениот извештај на Центарот за следење на внатрешното раселување (IDMC).
„Меѓународниот одговор за луѓето кои бегаат од војната во Украина е во огромен дел позитивен,“ додаде Гранди.
Според него, сомилоста е жива и потребна ни е лична мобилизација за сите кризи низ светот.
„Но, на крајот, хуманитарната помош е палијативна, а не е лек. За да се врати овој тренд наназад, единствениот одговор е мир и стабилност со цел невините луѓе да не бидат приморани да се коцкаат помеѓу страшна опасност дома или несигурно бегство и прогонство“, истакна Гранди.