Чешка од денеска па во наредните шест месеци ќе претседава со Европската Унија. Решавање на последиците од конфликтот во Украина во делот на енергетската ефикасност, мигранстската криза и зајакнувањето на одбраната и економијата на ЕУ ќе бидат во фокусот на чешкото претседавање.
Од Брисел доаѓаат најави дека за време на чешкото претседателство треба да се одржи првиот состанок на европската политичка заедница, нов формат на паневропска соработка. Во него ќе соработуваат, членките на ЕУ, Западен Балкан и Украина, Молдавија и Грузија.
„Европа во моментов се соочува со многу проблеми и предизвици, но ако дејствуваме со единство и одлучност, ќе излеземе посилни и поотпорни од овие кризи”, изјави чешкиот премиер Пер Фиала, пред почетокот на второто претседавање на Чешка со Советот на ЕУ за време на 18 годишното членство во Унијата.
Во главниот град на Чешка, Прага, вчеравечер се одржа прослава со парада и богата културна програма. Чешка претседавањето со ЕУ го презеде од Франција.