Се воведува нова такса за патување која ќе чини 7 евра за сите патнции во ЕУ и за тие од држави со безвизен режим / Фото: SchengenVisaInfo

За сите патници во ЕУ, дури и тие кои доаѓаат од земји со безвизен режим, од 2024 година ќе треба да се регистрираат онлајн преку Европскиот систем за информации и овластување за патување (ЕТИАС).

Станува збор за нов вид на одобрување на влез во земјите од ЕУ и Шенген зоната кое ќе чини 7 евра. Од Европската Комисија наведуваат дека таксата која ќе се наплаќа преку ЕТИАС системот не значи воведување на нов визен режим.

Досега таксата беше неколку пати одложувана во 2020, 2021 и 2023 година и планирано е ЕТИАС целосно да профункционира од следната 2024 година. Истовремено од ЕК потенцираат дека засега не постои ваква обврска иако се појавија бројни лажни веб сајтови кои наплаќаат такса за влез во Европската Унија.

Понатаму, кога системот ќе биде активиран, апликацијата за патување во ЕУ и наплатата на таксата ќе се врши само преку официјалниот веб сајт Travel Europe и соодветната мобилна апликација или преку овластени посредници.

Од плаќање такса ќе бидат ослободени луѓето под 18 и над 70 години, но и тие како и останатите патници ќе треба да се регистрираат пред влезот во ЕУ.

Одобрението ќе биде неопходно за влез во вкупно 30 европски држави, а ќе биде задолжително за речиси 1,5 милијарди луѓе кои поседуваат патна исправа од 60 држави со кои ЕУ има воспоставено безвизен режим на патување.

Во нив спаѓаат и повеќето држави од регионот кои досега во ЕУ патуваа без влезни ограничувања, согласно важечките прописи за престој на странци. Меѓу нив се македонските граѓани, потоа сопствениците на пасош од Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Србија.

Истите правила за влез ќе важат и за државите од регионот кои се членки на ЕУ, без оглед дали се или не се дел од Шенген зоната, меѓу кои Грција, Бугарија, Хрватска и Словенија.

ЕТИАС одобрувањето ќе трае три години или до важноста на патната исправа. Со стекнатиот број на ЕТИАС апликацијата не се променуваат важечките правила за престој, па така може да останете до 90 дена последователно или кои може да ги распоредите во период од 180 дена.

TRT Balkan
Популарни