Фејсбук и натаму е една од главните социјални мрежи на која се споделуваат вести и содржини од медиумите, но тоа може драстично да се промени доколку компанијата и властите во повеќе држави не се договорат дали и како Мета треба да им плаќа на медиумските организации.
Засега најголем притисок врз Мета, како сопственик на мрежата Фејсбук, доаѓа од Австралија, Канада и најново од Нов Зеланд и Соединетите Американски Држави. Од Фејсбук се бара да обезбеди финансиски надомест за медиумите чии содржини се објавуваат на социјалната мрежа.
„Веројатно изгубивме 50 отсто од новинарите во последните 10 години. Мора да им дадеме надеж на малите играчи. Горд сум што го предлагам овој закон за да ги поддржам“, изјави Вили Џексон министерот за радиодифузија на Нов Зеланд.
Што добиваат, а што губат медиумите?
Од една страна Фејсбук добива бесплатни содржини со што привлекува различни групи на корисници, а од друга преку нив наплаќа реклами за спонзорирани објави, најчесто за зголемување на досегот на публиката.
Фејсбук веќе неколку пати јасно се закани дека во било која земја која ќе наметне регулатива за исплата на медиумите дека целосно ќе го укине објавувањето на страни со вести и медиумски содржини.
Во случајот со Австралија по првичните закани за целосно повлекување од пазарот, беше постигнат договор помеѓу Фејсбук, Владата и медиумите. Сличен потег беше преземен и во Канада.
Но, се чини дека најголемиот удар врз буџетот на Фејсбук може да дојде со новоподготвениот предлог закон кој треба да биде пуштен во Конгресот на САД.
И тука, повторно гласноговорниците на Фејсбук се заканија дека целосно ќе ги исклучат вестите за американските корисници, односно нема да ги прикажуваат страните на медиумите од САД.
Предлог законот за новинарска конкурентност и опстојување ќе им овозможи на медиумските куќи полесен начин на преговори со компанијата Мета за условите и надоместот за прикажување на информативните содржини на социјалната мрежа.
Енди Стоун, портпаролот на Мета посочи дека компанија ќе биде принудена да размисли за отстранување на вестите доколку законот биде усвоен „наместо да се подложи на преговори со мандат од владата кој неправедно ја занемарува секоја вредност што им ја даваме на медиумите преку зголемен интернет сообраќај и претплатници“.
Според Стоун новата регулатива не го зема в предвид фактот што и самите медиумски куќи имаат придобивки од Фејсбук. Спротивно на него пак, медиумските здруженија од САД во апелите до Конгресот за усвојување на предлог законот, тврдат дека ако продолжи ваквата состојба ќе исчезнат локалните медиуми, претворајќи го Фејсбук во единствен „локален весник“.