Македонската полиција формира оперативен штаб за маскираните лица кои на протестот против францускиот предлог во Скопје предизвикаа насилства, соопшти МВР.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој денеска ги посети најтешко повредените полицајци на Клиниката за неврохирургија вината за инцидентите освен кај маскираните лица ја лоцира и кај политичките партии.
Тој истакна дека полицајците интервенирале само врз оние учесници на протестите кои ги нападнале или предизвикале материјална штета.
„Имаме повеќе информации. Станува збор за структура за која имаме оперативна обработка. Не смеам да откривам информации. Вие најдобро ги знаете тие што повикуваат на насилни протести. Протест е демократско право, но никако не смее да се организира насилство и уривање на државата и уставниот поредок”, рече Спасовски.
Според министерот, случувањата вчера во Скопје потсетуваат на упадот во Собранието.
„Секако дека овој облик на организирано насилство личи на 27 април. Триесетина лица со маски на главата го предизвикуваат немирот со напад на полициските службеници и државните објекти”, изјави Спасовски.
Министерот за внатрешни работи рече дека има информации дека и за денеска се подготвуваат насилства и молотови коктели.