Пелоси е првиот претседател на Претставничкиот дом на САД кој го посетил островот во последните 25 години.   Фото: АА

Претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, одликувана е со Медал на честа од страна на властите на Тајван за време на нејзината посета на земјата.

Во рамките на нејзината посета, Пелоси утрово се сретна со тајванскиот лидер Цаи Инг-Вен и со нејзината петчлена делегација од Конгресот. За време на состанокот, Цаи на Пелоси ѝ го врачи Медалот на честа наречен „Низа облаци што носат среќа.“

Тајванскиот лидер им се заблагодари на Пелоси и нејзината делегација што со посетата конкретно покажаа дека се со Тајван во ова критично време.

„Тајван нема да потклекне пред зголемените воени закани на Кина“

Нагласувајќи дека Тајван нема да потклекне пред зголемените воени закани на Кина, Цаи рече: „Одлучно ќе го заштитиме суверенитетот на нашата земја, во исто време ќе продолжиме со одбраната на демократијата.“

Пелоси, во име на Конгресот, заблагодарувајќи му се на Цаи за укажаната чест, рече: „Од витално значење е солидарноста на САД со Тајван. Нашата посветеност за зачувување на демократијата во Тајван и остатокот од светот не е променета. Нашата посета јасно стави до знаење дека САД не се откажаа од ветувањето за поддршка на Тајван.“

Пелоси и нејзината петчлена делегација на Конгресот во Тајван пристигнаа синоќа. Посетата за која се шпекулираше две недели, предизвика тензија меѓу САД и Кина и наиде на реакција на Пекинг.

Министерството за надворешни работи на Кина, во соопштение веднаш по слетувањето на авионот на Пелоси во Тајван, наведе дека ја осудуваат посетата. Министерството за одбрана на Кина, пак, најави дека ќе одржи „низа воени вежби“ околу островот.

Посетата закажана за април беше откажана

Планираната посета на 82-годишната Пелоси на Тајван во април беше откажана со образложение дека е заразена со Ковид-19.

Кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји, во тој период предупреди дека посетата на Пелоси на Тајван ќе значи „преминување на црвената линија“ дефинирана со принципот „една Кина“.

Пелоси е првиот претседател на Претставничкиот дом на САД кој го посетил островот во последните 25 години.

Претходно во 1997 година, Њут Гингрич го посети Тајван додека беше на таа функција.

За време на посетата, Пелоси е придружувана од Грегори Микс, претседател на Комитетот за надворешни односи на Претставничкиот дом, Марк Такано, претседателот на Комитетот за прашања на ветераните, Сузан ДелБене, потпретседателка на Комитетот за патишта и средства, Раја Кришнамурти, член на Постојаниот специјален комитет за разузнавање и Енди Ким, член на Комитетот на Вооружените сили и Комитетот за надворешни односи.

AA
Популарни