ЕП бара угледни меѓународни експерти и институции особено да ги испитаат нерегуларностите на локалните избори за Град Белград / Photo: AA

Пратениците на Европскиот парламент денеска во Стразбур усвоија резолуција со која се бара независна меѓународна истрага за нерегуларностите на парламентарните, покраинските и локалните избори одржани на 17 декември во Република Србија.

Како што пренесуваат српските медиуми, во документот усвоен од европратениците со 461 глас „за“ и 53 „против“ се бара испраќање експертска мисија и условување на натамошната финансиска помош од Европската унија за Србија со подобрување на изборните услови.

Пратениците во Европскиот парламент го очекуваат конечниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР за изборите и ја повикуваат Србија да ги спроведе препораките на оваа институција и на Венецијанската комисија, многу пред следните избори.

Европскиот парламент повикува на независна истрага спроведена од „угледни меѓународни експерти и институции, со цел да се испитаат нерегуларностите на парламентарните, локалните и покраинските избори, а особено на изборите за Град Белград“, бидејќи, како што се наведува, „некои тврдењата поврзани со организираната миграција на гласачите ја надминуваат рамката опфатена со извештајот на ОБСЕ и ОДИХИР“.

ЕП, исто така, го поддржува брзото испраќање на ад хок мисија за утврдување факти во Србија, само со учество на ЕП.

Членовите на Европскиот парламент, исто така, гласаа за член во кој се вели дека преговорите за пристап со Србија треба да напредуваат само доколку земјата постигне значителен напредок во реформите поврзани со ЕУ, вклучително и целосното спроведување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија, и во кој Комисијата и Советот се поканети да применуваат строги услови, детално да ги следат извештаите на Судот на ревизори и веднаш да ја започнат ревизијата на средствата обезбедени за Владата на Србија според Инструментот за претпристапна помош III и други финансиски инструменти.

Известувачот на Европскиот парламент за Србија, Владимир Билчик, изјави дека во резолуцијата за Србија има работи од кои не е целосно задоволен, дека пораките од резолуцијата се многу јасни и дека во најдобар интерес на Србија е да ги прифати конструктивните елементи на резолуцијата.

Воедно, тој изјави за Танјуг дека од една страна ги признаваат резултатите од изборите кои јавно ги објави Републичката изборна комисија и посочи дека е добра вест што се одржала конститутивната седница на Народното собрание и оти беа земени мандати и од владејачкото мнозинство и од опозицијата.

„Мислам дека е важно институциите да почнат да работат правилно и да почнат да се занимаваат со прашањата што навистина доведоа до дискусија за ситуацијата во Србија по изборите. Многу јасно нагласуваме дека сите обвинувања за потенцијална измама на изборите, за потенцијалната миграција на гласачите која би можела да влијае на резултатите од изборите, без разлика дали се парламентарни или општински, мора целосно и соодветно да се истражи. Ние, секако, ги повикуваме властите во Србија да го сторат тоа, да постапат според препораките на ОБСЕ и конечен извештај, кој сите го чекаме, и клучните препораки да се спроведат целосно и без одлагање. Мислам дека ова е важна порака“, изјави Билчик за Тањуг.


TRT Balkan / агенции
Популарни