Европскиот парламент со 539 гласови од 632 присутни пратеници го прифати извештајот за воведување на еврото во Хрватска од први јануари 2023 година. Во него се оценува дека Хрватска ги исполнува сите критериуми за пристапување во еврозоната.
Воздржани беа 48, а против гласаа 45 пратеници, кои го критикуваа влезот на Хрватска во еврозоната и во дебатата одржана во понеделникот на пленарната седница на парламентот.
Европскиот парламент пред пристапувањето на членката на ЕУ дава мислење за препорака на Комисијата, а последниот чекор ќе биде усвојување предлог на состанокот на Советот на ЕУ за економија и финансии на 12 јули. Претходно влезот на Хрватска во еврозоната го поддржа Европскиот совет.
Еврото од идната година ќе стане официјална хрватска валута.
Со прифаќањето на еврото, Хрватска се придружува на Евросистемот, кој го сочинуваат Европската централна банка и централните банки на државите членки на еврозоната, а гувернерот на Хрватската народна банка влегува во Управниот совет на Европската централна банка.
Министерот за финансии учествува на состаноците на еврогрупата, а претседателот на Владата на состаноците на врвот на еврозоната.
Хрватска автоматски станува и членка на банковната унија, на системот за надзор и санации на банките.
Во Извештајот на романскиот пратеник Сифрид Муресан, кој пратениците го усвоија денес, се оценува дека Хрватска ги исполнува сите критериуми за воведување на еврото што е резултат на амбициозните, одлучните, веродостојните и одржливите напори на хрватската Влада и хрватскиот народ.
Извештајот истакнува дека пристапувањето на Хрватска кон еврото е прв значаен процес на интеграција во ЕУ по Брегзит.
„И покрај тешката општествено-економска ситуација предизвикана од здравствената криза и најновите зголемувања на цената на енергијата, воведувањето на еврото во Хрватска и исполнувањето на потребните критериуми претставуваат силен политички сигнал на одржливоста и привлечноста на единствената валута на Унијата“, стои во извештајот.
Европскиот парламент предвидува дека „воведувањето на еврото ќе го зајакне хрватското стопанство и ќе произведе корист за нејзините граѓани и претпријатија бидејќи стопанството ќе стане поотпорно, ќе привлекува повеќе странски инвестиции, ќе ја зголеми довербата на меѓународните инвеститори и ќе ги намали валутните размени, што ќе има видливо влијание на клучниот туристички сектор на таа земја.“
Хрватската Влада се повикува да обезбеди дека воведувањето на еврото нема да доведе до вештачко зголемување на цените.