Фидан во Подгорица: Туркије продолжува да ги јакне односите со Црна Гора / Photo: AA

Министерот за надворешни работи на Туркије Хакан Фидан во Подгорица истакна дека неговата земја ќе продолжи да ги продлабочува односите со Црна Гора.

Тој изрази задоволство од претстојувањето во пријателска и сојузничка Црна Гора каде утре ќе присуствува на Самитот на процесот на соработка во Југоисточна Еворпа. Цврстите културни, човечки, политички и историски врски на Туркије со Црна Гора, како што рече Фидан, се продлабочуваат и во областа на економијата.

„Со стратешката позиција, инфраструктура, пристапот на Јадранското море, Црна Гора стана важен логистички центар“, рече Фидан на денешното отворање на Турската стопанска комора во Црна Гора (TurkCham) одржано во Подгорица.

На отворањето на Турската стопанска комора во Подгорица присуствуваа премиерот на Црна Гора Дритан Абазовиќ, заменик премиерот и претседател на Бошњачка партија Ервин Ибрахимовиќ, амбасадорот на Туркије во Црна Гора Бариш Калкаван, стопанственици и бројни други гости.

Вкупниот износ на турските капитални инвестиции во Црна Гора достигна 340 милиони евра, а Туркије е во самиот врв кога се во прашање директните странски инвестиции во оваа земја.

Со проширувањето на Договорот за слободна трговија со Црна Гора годинава, како што рече Фидан, очекува да се исполни зацртаната цел од 250 милиони долари во однос на обемот на трговската размена меѓу двете земји.

Фидан рече дека Туркије ја цени поддршката и позитивниот пристап на властите на Црна Гора кога е во прашање турската деловна заедница и укажа на значајот и потенцијалите во областите на енергетиката, туризмот, инфраструктурата, здравството и образованието и ИТ секторот.

Тој потсети дека Туркије со Црна Гора ја продлабочува соработката и во областите на цивилното воздухопловство изјавувајќи дека „Туркиш Ерлајнс“ транспортира повеќе од 100 илјади туристи од трети земји во Црна Гора. Летовите на турската компанија „Пегасус“ во Црна Гора, како што наведе, почнуваат на 19 јули. Фидан изрази надеж дека активностите на Турската стопанска комора во Црна Гора ќе ги зајакнат врските на Туркије со оваа прекрасна земја.

Велејќи дека турската дипломатска мрежа важи за една од петте најголеми во светот, Фидан најави продолжување и зајакнување на врските со бизнис заедницата.

AA
Популарни