Ковачевски: Обединети можеме да добиеме полноправно членство во ЕУ / Photo: Влада на РСМ

Обединети ја добивме битката за членство во НАТО. Обединети можеме да ја добиеме и следната битка, полноправното членство во Европската Унија. Ова е пораката која што денес ја упати македонскиот премиер Димитар Ковачевски, по повод државниот празник 2 Август - Денот на Републиката, обраќајќи се на свеченоста што се одржа на Тврдината Кале во Скопје.

Во својот говор премиерот Ковачевски потсети, како што рече, на предизвиците низ кои поминала државата од минатото, вклучувајќи ја тридецениската независност и донесувањето на клучните одлуки за државата до денес.

„Изборот на првата Влада, одлуката за историскиот референдум во 1991-та година, по што е прогласена самостојна и суверена Република Македонија. Донесувањето на Уставот како највисок државно-правен акт со што се заокружува долгиот историски процес на конституирање на државата“, рече Ковачевски. Како важни моменти за државата Ковачевски ги наведе одлуката за членство на државата во Обединетите нации, распишувањето на првите парламентарни избори по независноста, како и одлуката за засилена внатрешната интеграција на етничките заедници преку Охридскиот договор.

Ковачевски: Обединети можеме да добиеме полноправно членство во ЕУ Влада на РСМ

„И конечно одлуката за нашето членството во НАТО со што по долги години чекање и изолација, остваривме една од двете стратешки цели на нашата држава, поставени од првиот ден од независноста“, рече Ковачевски и истакна:

„Денес, 2023-та година, Република Северна Македонија е 30-та полноправна членка на НАТО Алијансата. Со отворени перспективи до 2030 година, да ја оствари и другата стратешка цел – членството во Европската Унија.“ Тој нагласи дека „и денес Републиката има потреба од нова државничка одлука на денешната генерација народни избраници, со што државата и граѓаните ќе продолжат по зацртаниот пат на напредокот.“ Премиерот Ковачевски во своето обрааќање се осврна на остварувањето на стратешката цел на земјата,а а тоа е членството во НАТО алијансата.

„Како рамноправна членка на заедничката масата на НАТО, го осигуравме територијалниот интегритет“, рече Ковачевски.

Одбележување на 2 Август - Денот на Републиката со свечена церемонија во Скопје Влада на РСМ

„Успеавме да седнеме и на европската маса и да го отвориме преговарачкиот процес, поставувајќи го македонскиот јазик на исто рамниште со другите официјални европски јазици. За тоа е доказ потпишаниот договор со Европската комисија за ФРОНТЕКС на македонски јазик. Како и преведувањето на целото европско законодавство на македонски јазик, кој што е во тек“, истакна Ковчаевски.

Тој додаде дека „од изолирана држава, по цела деценија, со мудри, храбри и одважни одлуки“, успеале да ја обноват и засилат меѓународната поддршка, како никогаш досега.

„И затоа што знаеме колку тешка борба беше тоа, денес будно го чуваме нашето исконско македонско и нашата мултиетничка држава, која што е препознаена како функционална мултиетничка демократија, пример во регионот и во Европа“, потенцираше Ковачевски и додаде:

„Го правиме тоа како Македонци, со промоцијата на македонскиот јазик и идентитет и со почитување на правата на сите другите етнички заедници: Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и сите други кој живеат тука во ова држава заедно со векови.“

Меѓу другото, тој порача дека нема потреба од загриженост. „И нема за што да бидеме загрижени, бидејќи оваа наша македонска држава, успешна мултиетничка приказна ѝ е подеднакво потребна на Европа, како што нам ни потребна ЕУ.“

Премиерот Ковачевски изјави дека да си ја сакаш државата, значи да се бориш и да се избориш за нејзините перспективите и за перспективите на граѓаните. „Обединети ја добивме битката за членство во НАТО. Обединети можеме да ја добиеме и следната битка, полноправното членство во Европската Унија. Тоа го направивме со поуките од минатото и со поглед кон иднината.Со чекори напред, а не со чекори назад“, порача Ковачевски.

TRT Balkan / агенции
Популарни