Ковачевски во Берлин ја истакна важноста на постоењето на заеднички регионален пазар     Фото: Reuters

Самитот во рамки на Берлинскиот процес е историски бидејќи доаѓа во време на продолжена криза. Од него се очекува да произлезат конкретни чекори кои ќе ја зајакнат регионалната соработка во сите сфери со што ќе се зголеми неговата важност. Ова го истакна премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски, денеска на сесијата за регионална соработка и заеднички регионални пазари во рамките на Самитот за Берлински процес во Берлин. Германија.

Според Ковачевски, денеска се исполнува клучен дел од обврските во рамките на заедничкиот регионален пазар, усвоени на Самитот во Софија пред две години. Сето ова, како што рече тој, е овозможено со силната поддршка на Владата на Германија и Европската Унија (ЕУ). Но како што истакна, Европската Унија не е целосна без земјите од Западен Балкан.

„Нашата меѓусебна политичка волја и посветеност за регионалната соработка е резултат на меѓусебно признаени интереси кои дополнително нѐ поттикнуваат да работиме на развој на заеднички регионален пазар и зголемување на атрактивноста на регионот за странските инвеститори”, рече Ковачевски.

На дискусијата, како што информираат од владината прес-служба, сите присутни изразиле силна поддршка за членство на државите од Западен Балкан во ЕУ, со јасен став дека ЕУ нема да е целосна и успешна додека граѓаните од Западен Балкан не добијат пасоши со знамето на ЕУ.

Како што се вели во соопштението од македонската Влада, присутните посочиле дека Берлинскиот процес не е замена за членството во ЕУ, но е процес кој ќе обезбеди побрза интеграција на земјите од регионот.

TRT Balkan / агенции
Популарни